Синови и ќерки на функционери не поминале на тестовите кај Данците – сега сакаат да го поништат конкурсот за нови контролори на летање


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Работната позиција контролор на летање отсекогаш била атрактивна и добро платена. На конкурсот на М-НАВ, државна компанија одговорна за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија за прием на 8 нови контролори, се пријавиле 270 кандидати. На секое ниво на селекција директорите на М-НАВ ималe забелешки и баралe проширување на селектираната листа од страна на данската компанија. И кога се дојде до 12 одбрани, пак се бара нешто дополнително, пренесува МКД.

Еуроконтрол, европска институција надлежна за цивилниот авиосообраќај, од пред 10 години воспостави унифициран систем на селекција, т.н. ФИСТ (FEAST) тестови, за прием на нови котролори насекаде во Европа. Кај нас оваа алатка се применува од 2018 година и се покажала како многу успешна, велат вработените. Тестирањата според ФИСТ алатката ги вршат неколку сертифицирани еврропски центри.

Годинава тестирањето за Македонија го спроведе данска компанија, која е задолжена и за четиримесечна обука за избраните 8 лица. Изборот на таа компанија е направен на меѓународен тендер распишан од М-НАВ, вреден околу 300 илјади евра.

Од 270 кандидати првото ниво на ФИСТ тестот (се проверуваат разни вештини на кандидатите и познавање на англиски јазик) го поминале 140 кандидати. Тестирањето се врши на специјална веб-страница, пред компјутер, под контрола и на данските експерти (преку веб камери) и преку присутни членови на комисијата од М-НАВ. По првата селекција, веднаш се испрати барање до Данска да се прошири листата на првите 166 имиња, а не 140.

Според вработените во М-НАВ, токму на таа додатна листа од 26 кандидати биле имињата на синови и ќерки на политичари, на директори и партиски функционери. И по втората селекција, кога се дојде до бројката од 12 кандидати, М-НАВ пак излезе со барање за детален увид за начинот на селекција на овие кандидати. Во прашање се доведува успешното завршување на целиот процес на избор и пропаѓање на тендерот. Роковите се веќе пречекорени.

Од Синдикатот на контролорите за летање и од Здружението на контролори на летање велат дека ако вака се продолжи со упорноста на директорите на М-НАВ во обидите да се внесат „нивните“ кандидати се доведува во прашање кредибилноста на изборот, а и можноста од пропаѓање на тендерот и пролонгирање на пополнувањето на празните места во период кога веќе имаме зголемен авиосообраќај.

Фахрудин Хамиди, директорот на М-НАВ во изјава за МКД.мк вели дека станува збор само за дополнителна проверка на листата и на начинот како се дошло до селектираните кандидати.

„Ние мора да внимаваме на сите детали. Само бараме целосна информација за целиот процес на селекција која до денеска не ја добивме од данската компанија. Штом ја добиеме целосната документација, школувањето на избраните 8 кандидати се разбира дека ќе се спроведе во данскиот центар. Не се сомневаме во текот на спроведувањето на сите процедури, само бараме детали за селекцијата“, ни изјави Хамиди.

Сепак, контролорите на летањето врабитени во М-НАВ се сомневаат во непотизам и партиски влијанија и тие најавуваат детални информации до надлежните со барање за смена на оваа управувачка гарнитура, за која сметаат дека многу поважни им се партиските и личните интереси од безбедноста во авиосообраќајот.