Според ДЗС просечната плата во Македонија во мај 2022 година била 31,407 денари


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Трендот на статистички пораст на просечната нето-плата во земјата продолжува. Согласно податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во мај 2022 година по вработен изнесува 31 407 денари, што е за 2 686 денари повеќе во однос на истиот месец лани или за 9,4 отсто, информираше денеска Владата.

Според Владата, согласно статистика, ваквото зголемување се должи пред сѐ на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите – објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 19,7 отсто, уметност, забава и рекреација – 16,1 отсто и преработувачка индустрија – 14,3 отсто.

„Континуираното зголемување на просечната нето-плата во земјата е резултат и на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата, која изнесува 18 000 денари. Споредено со мај 2017 година кога просечната нето-плата била 22 889 денари, во мај годинава е зголемена за 8 518 денари и изнесува 31 407 денари. Владата продолжува со креирање мерки и амбиент за повисоки стапки на економски раст и унапредување на животниот стандард на граѓаните, како и особена поддршка во услови на криза“, се вели во владиното соопштение.

Од Владата додаваат дека остануваат посветени на растот на приходите и поддршката на сите граѓани. Нагласуваат дека покачувањето на платите, покачувањето на пензиите и покачувањето на стандардот на граѓаните е она на што Владата и понатаму посветено ќе работи.