Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Шериф Ракума и Блерта Рамука, татко и ќерка од Косово, и правното лице „Радика Резорт” ДООЕЛ увоз извоз с.Леуново Општина Маврово и Ростуше, не се виновни за бунгалови на брегот од Мавровското Езеро. Вака одлучи Основниот суд во Гостивар каде судијата Даут Рустеми проценил дека не се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело Бесправно градење од чл.244-а став 1 од Кривичниот законик, а за правното лице за кривично дело Бесправно градење од чл.244-а став 5 в.в со став 1 од Кривичниот законик, кое им се става на товар, пренесува МКД.мк.
Согласно бараната информација по увидот во Акмис системот Ве известуваме дека пред Основен суд Гостивар заведен е предмет под број К.бр.245/22, a по поднесен обвинителен акт на Основното Јавно обвинителство Гостивар, кој согласно автоматската распределба бил распределен кај судијата Даут Рустеми. По предметот се водела постапка која завршила со пресуда во која обвинетите се ослободуваат од обвинение врз основа на член 403 став 1 точка 3 од Законот за кривична постапка , односно судот ценел имајќи ги во предвид сите изведени докази дека не се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар”, ни одговорија од Основниот суд во Гостивар.
Јавен обвинител кој го застапувал обвинението е Хазби Исеини од Основно Јавно обвинителство Гостивар. Во Пресудата во делот на образложението не е наведено дека Јавниот обвинител доставил извод од казнена евиденција како доказ за осудуваност или неосудуваност на Шериф Рамука и Блерта Рамука.
Пресудата е донесена на ден 04.07.2022 година, а јавно објавена на ден 07.07.2022 година во која пресуда застапникот на обвинението не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат, додаваат од Судот.
Обвинетите во текот на постапкаа кажаа дека не чувствуваат вина за овој случај, а нивниот законски застапник пред Судот истакна дека постојат докази со кој ќе му предочат на судот дека ниту двајцата обвинети, ниту нивната фирма немаат вина за бесправното градење на градбите на брегот на Мавровското Езеро.
Гостиварското обвинителство на почетокот на февруари годинава поднесе обвинение против татко и ќерка, државјани на Косово, како и против нивната фирма, заради бесправно градење на бунгалови во Леуново, блиску до езерото.
Првото закажано рочиште за овој предмет требаше да се одржи на 31 март годинава, но се одложи поради неуредна достава до фирмата обвинета во овој процес.
Во обвинителниот акт постоечка адреса за фирмата има само од Косово, но поканата за почеток на судењето која се однесува на фирмата не стасала до таму.
Второто рочиште беше закажано на 26 април, но и тоа се одложи. На ова судење, според информациите на МКД.мк беше дојден таткото обвинет во постапката, но не се појави обвинетата ќерка.
На 20 мај рочиштето започна, но обвинителот побара прекин бидејќи предложени биле нови докази за овој предмет, па Обвинителството треба да се произнесе. Ново рочиште беше закажано за 9 јуни, а потоа е донесена одлуката на Судот.
Врз основа на барањето на група граѓани Спас за Маврово во кое беа дадени низа предлози, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција согласно своите надлежности на крајот на минатата година отвори предмет со цел да го испита настанот и се водеше предистражна постапка.
По неколку месеци беше утврдено дека инвеститорите добиле наредба да запрат со градежните активности, но сепак тие продолжиле да ги градат објектите спротивно на закон.
Во соопштението за поднесениот обвинителен акт пишуваше дека се однесува на две физички и едно правно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот закони.
„Обвинетите, татко и ќерка, државјани на Република Косово, како и правното лице во кое управител била ќерката, во периодот од 10.07.2021 до 20.09.2021 година, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнале да градат осум бунгалови во селото Леуново, општина Маврово и Ростуше. Објектите – цврста градба, на околу 200-300 метри од езерото, биле евидентирани при извршена контрола од градежен инспектор, при што инвеститорите добиле наредба да запрат со градежните активности. И покрај ова, тие продолжиле да ги градат објектите спротивно на закон”, соопшти тогаш обвинителството.
По издаденото решение (на 15 септември, минатата година) за уривање на девет куќи под хотелот „Радика” кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор деновиве го поништи ова решение. Жалбата поднесена од инвеститорот „Радика ресорт”, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.
Под хотелот Радика се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика”. Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите.
Се разбира ниту тој, ни пак општината тоа го стори, а инвеститорот си продолжи со изградбата и покрај издаденото решение за уривање.
Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.
Локалното население и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат проблеми со со снабдувањето со вода. Поради тоа комуналното претпријатие на општината издаде мораториум за градба во овој дел сè додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.
И Електрани на Северна Македонија, државната компанија која стопанисува со Мавровското Езеро има негативно мислење за градба во тој дел од крајбрежјето затоа што е во појасот забранет за градба според котата на нивото на езерото.
Здужението на граѓани Спас за Маврово веќе ги алармираше надлежните државни органи за ова и за непочитувањето на законските процедури за добивање на дозволи за градба, а тоа е барање мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. За вакво мислење со години веќе никој не ги прашува ни во надлежното министерство, ниту пак некој го прашал Националниот парк. А се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.
Иако сите овие информации веќе неколку месеци се пред надлежните органи (инспектори, обвинителство, Министерство за правда, Министерство за транспорт и врски, пред вицепремиерот Љупчо Николовски надлежен за борба против корупцијата и криминалот, пред ДКСК, пред Министерствито за животна средиина…), второстепената владина комисија донела ваква одлука.
Инаку, во врска со случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика ресорт” поднесени беа три кривични пријави.
На 5 октомври двајца управители на „Радика ресорт” од Леуново добија кривични пријави. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз. Пријавените во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз, во текот на 2017 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и правниот субјект „Радика ресорт” ДООЕЛ, во својство на инвеститори, без да обезбедат одобрение за градење и да платат комуналии, противправно започнале и извеле градежни активности – изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика, спротивно на член 57 од Законот за градење.
„И покрај извршениот инспекциски надзор и донесениот записник од страна на Одделението за инспекциски надзор при Општина Маврово и Ростуше за запирање на изградбата, пријавените преку правно лице ДТТУ „Радика Ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз (инвеститор) продолжиле со градежните активности на бесправно изградени објекти, при што извеле изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика”, соопшти Управата за финансиска полиција.
На 8 октомври минатата година поднесена беше уште една кривична пријава за дивоградбите во Леуново, против сопственикот на „Радика ресорт” Шериф Рамука (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба”.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Р. (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба”. Во периодот од 10 јули до 20 септември, на место сопственост на хотел во село Леуново, општина Маврово и Ростуше, Ш.Р., сопственик на фирма, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнал изградба на осум објекти – бунгалови од цврста градба”, соопшти тогаш МВР.