Луда држава: Под концесија давале ниви кои се заштитено подраче во НП Маврово заради ендемична флора и фауна

Рокот за пријавување на јавниот оглас за закуп на земјоделско земјиште кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија го распиша на 24 јуни заврши вчера.

На списокот за давање на земјиште под концесија се и 39 хектари од атарот на селото Лазарополе, за што мештаните воопшто и не биле информирани, а згора на тоа се работи за заштитено подрачје во Националниот парк Маврово заради ендемичните видови на флора и фауна и биодиверзитетот, пишува МКД.МК.

Се работи за земјиште, кај местото викано Ливатчија, на кое мештаните со години ја одржуваат традиционалната манифестација „Фестивал на нарцисот, Лазарополе цути“.

Причината за организирање на оваа манифестација е токму заштитата на влажните ливади, на флората и фауната, на природните разноликости, на ендемските влажни нарцисови ливади, на рисот, на дивата коза (Rupicapra rupicapra), на срната (Capreolus capreolus), на дивата мечка (Felis silvestris), велат од Месната заедница Лазарополе.

Според огласот на Министерството за земјоделство, овие 39 хектари (почетна цена на надавањето е 1.180 евра) ќе треба да се искористат за лозја, овоштарници, хмељ, насади со лешник, маслинарници, пчелни семејства, ливади, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште, спортско-рекреативни активности или рурален туризам.

Мештаните се револтирани затоа што никој за ништо не ги прашал. Месната заедница немала никаква информација се додека некој од нив сосема случајно не го видел јавниот оглас на интернет страницата на Министерството за земјоделство. Тие се незадоволни и од однесувањето на градоначалникот на Маврово Ростуше, Медат Куртовски, кој сега е владин повереник.