Слупчанци не ги пуштаат ЕВН в село и се пазарат: Ќе ги платиме старите долгови, ама да ни ги простат каматите

Екипите на ЕВН сè уште не можат да влезат во селото Слупчане за да ја реконструираат дистрибутивната мрежа бидејќи жителите го блокираат влезот во селото и упатуваат закани кон работниците.

ЕВН информираше дека било известено Министерството за внатрешни работи за случајот.

-Подготвени сме да го платиме долгот кон ЕВН, но не сакаме да плаќаме камата на каматата. Ветувањата кон селаните досега не беа исполнети, а тоа е уште една причина за револт, вели претседателот на месната заедница Селадин Шаини за „ТВ Њуз“.

Вкупните годишни загуби поради кражби на струја во селото Слупчане изнесуваат повеќе од 1 милион евра, односно околу 6 GW/h. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а успешно се наплаќа само една третина од останатите 20% фактурирана енергија.