Актуелно

Случај „Рекет“: Нема нови обвинети – се чека распит на Боки 13 и Орце Камчев

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на чие чело е поставена обвинителката Вилма Русковска која вчера над 4 часа ја испрашуваше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, викната во улога на сведок, нема информации за евентуални нови осомничени лица во случајот „Рекет“. Нема информации ниту дали и кога ќе бидат викнати на распит директните учесници во аферата – Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев.

Пред три дена исказ даде второосомничениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец.

Јанева на распитот беше со адвокатот Стефан Павлески, во својство на правен консултант. Инаку, Павлески е адвокат на Цветан Панделевски, еден од осомничените во случајот на СЈО „Империја“.

Јанева вчера рече дека „засега не може и не смее“ да каже дали е нејзиниот глас на објавената видео снимка со Јордан Камчев, дека „не знае“ дали истрагата ќе се прошири и на неа, како и дека „не знае“ дали има инволвирано некој политичар во случајот и дека „има време да се објасни“ зошто предложила спогодба за осомничените за „Империја“ и „Поштенска банка“.

Досега за „Рекет“ во Обвинителството за гонење на организираниот криминал искази во својство на сведоци дадоа тројца обвинители од СЈО Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми и шефицата на кабинетот на Јанева.

На распит беше и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13 и примател на 720.000 евра од директорот на ГП „Пелистер“ Сиљан Мицковски.

Advertisements
To Top