Две лица во Мексико добија дозвола за рекреативна употреба и превоз на кокаин


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Мексиканските судски власти на двајца мексикански граѓани им одобрија рекреативна употреба на кокаин, што претставува прво вакво одобрение во Мексико.

Судот на двете лица им дозволува „да поседуваат, превезуваат и консумираат кокаин, но не и негова препродажба“, според организацијата Обединето Мексико против криминал (МУЦД), пренесе Би-би-си.

МУЦД се бори да ја прекине „војната против дрогата“ која Мексико ја води со децении, и пресудата на судот ја нарече „историски чекор“. Одлуката исто треба да ја разгледа повисок суд пред истата да може да се спроведе.

Во изјавата на МУЦД се наведува дека судот во Мексико Сити му наредил на Кофеприс, водечката здравствена организација во државата, на наведените две лица да им одобри рекреативната употреба на кокаин.

Официјален претставник на Кофеприс изјави дека неговата организација се обидела да ја блокира одлуката на судот со образложение дека одобрување за употреба на кокаин би било надвор од негово правно овластување.

Одлуката ќе може да се спроведе само во случај на потврда од повисок суд, а право на нејзина примена ќе имаат само двете лица кои поднеле барање.

Во својата вчерашна изјава, МУЦД тврди дека „тоа е важен чекор во создавање алтернативна политика кога станува збор консумирање дрога што на Мексико ќе му овозможи поголема безбедност и ќе му помогне на јавниот здравствен систем“.

Мексико со децении се бори со наркокартелите, при што трговијата со дрога доведува до убиства на илјадници луѓе секоја година.

Левичарскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор вети дека ќе спроведе „радикални“ промени кога станува збор за борбата против нелегалната трговија со дрога.