Актуелно

СЈО ги чешла донациите од ВМРО ДПМНЕ, разговарале со над сто партиски члена

Досега стотина члена на ВМРО ДПМНЕ од Штип, Крушево, Охрид, Кочани, Скопје и од други градови биле повикани во Специјалното јавно обвинителство да дадат исказ за своите наводни доброволни донации за партијата. Се претпоставува дека СЈО води предистражна постапка за финансирањето на изборните кампањи на партијата.

Пред две недели Антонио Милошоски на конференција за медиумите изјави дека членови на ВМРО ДПМНЕ биле повикувани во СЈО да даваат изјави, сведочења и искази.

Членовите од тимот на Катица Јанева се служат со истите незаконски методи, со уцени и лажни ветувања, се убедуваат да ги натераат граѓаните да се дистанцираат од политичката партија ВМРО ДПМНЕ и да даваат лажни искази, рече Милошоски и додаде дека одредени сведоци биле уценувани и да дадат искази какви што им одговараат на специјалните обвинители.

Неофицијално, во СЈО се води голема предистражна постапка за донаторите на ВМРО ДПМНЕ за кампањата во 2014 година. Предистражната постапка се води врз основа на разговорите од нелегалното прислушување во кои партиски функционери во детали објаснувале како и каде да се уплатат парите и на чии имиња да гласат донаторските уплатници во банка.

Дел од донаторите чии имиња биле објавени изјавуваа дека никогаш не донирале пари, а други дека и порано, а и во иднина ќе ја помагаат својата партија. Членови на ВМРО ДПМНЕ тврдат дека оваа постапка СЈО ја води веќе неколку месеци и дека граѓаните можат да очекуваат дека СЈО ќе настапи како политички партнер на опозицијата на претстојните предвремени парламентарни избори.

Од СЈО велат дека поради тајноста на предистражните постапки не се во можност да ги потврдат или демантираат овие информации.

Охрид њуз вечерва објави дека околу 200 членови на партијата биле повикани на информативен разговор со специјални обвинители во Охрид. Затоа веќе бил во тек состанокот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на кој ќе биде дефиниран ставот на партијата по последните случувања поврзани со активностите на СЈО во Охрид.

Advertisements
To Top