Сите кабелски оператори во понеделник прекинуваат со емитување на домашни и странски ТВ канали


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во понеделник, 2 март, на полноќ, сите македонски кабелски оператори договорено ќе прекинат со реемитување на домашните и странските ТВ канали, освен каналите на Македонската телевизија – МТВ 1, МТВ 2 и Собранискиот канал, соопштија од Здружението на информатичко-комуникациски технологии.

Велат дека прекинот на емитување на каналите е одложен за втори март за да се остави простор за евентуално решение за спорот што настана по изманите на Законот за АВМУ и дека додека трае прекинот нема да наплатуваат услуги.

„Ваквиот заклучок е последица на законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност за туѓи дејствија. Поради тоа, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива. Операторите се принудени да го прекинат реемитувањето на програмските содржини за да избегнат прекршување на Законот поради активности кои не се под нивно влијание“.

Кочењето на изборот на нов состав на АВМУ, непочитувањето на законите и непостапувањето на судството по претставките и тужбите се трите најголеми проблеми кои доведоа до недоразбирање помеѓу петте национални телевизии и кабелските оператори, изјави денеска на прес конференција министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски откако вчера Канал 5, Телма, Алфа, Сител и Ал Сат М, членки на Македонската медиумска асосцијација ги обвинија кабелските оператори за незаконско пренесување на странските канали.

Предлог-измените на Законот за АВМУ беа поднесени кон крајот на јануари годинава кога кабелските оператори реагираа дека истите се неприменливи во пракса а Агенцијата за медиуми реагираше дека измените се донесени набрзина и во нетранспарентна постапка.