Шекеринска, Димитров и Царовска бараат апанажа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Четворица министри од владата на бившиот премиер Зоран Заев одат на апанажа, а бројката може да биде и поголема со оглед на тоа што се уште тече рокот во кој може да се поднесе вакво барање до собраниската Комисија за избори и именувања.

Според информациите од Собранието, од поранешните членови на Владата на кои им заврши мандатот ноќта на 16 јануари, кога беше избран новиот владин кабинет, досега барање за апанажа доставиле доскорешните вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, министерка за образование, Мила Царовска, и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Претходната недела, пак Комисијата за избори и именувања го одобрила барањето за апанажа на ексминистерот за земјоделство, Аријанит Хоџа, како што информираа од Собранието, има право на апанажа во траење од девет месеци, со оглед на тоа што беше на функцијата од септември 2020 година до ноември 2021 година.

Деветмесечна апанажа му е одобрена и на поранешниот заменик-министер за култура од редовите на Беса, Седат Сулејмани, кој исто како и Хоџа поднесе оставка во ноември минатата година.

Според Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица, функционерите на кои им престанал мандатот имаат рок од 30 дена да се вратат настарите работни места или да побараат апанажа, која им следува во зависност од тоа колку време биле на функцијата, но не подолго од една година.

Ако мандатот на функционерот траел до шест месеци, тој има право на апанажа од три месеци. За мандат од шест до 12 месеци следува апажа половина година. Надоместокот е во траење од девет месеци за мандат од 12 до 24 месеци, а за подолг мандат од две години следува апанажа од една година.

За време на остварувањето на ова право пратеникот ксфункционерот нема право на други примања и надоместоци на трошоц, односно апанажата ќе биде прекината, ако во меѓувреме се вработи.

Надоместокот е во висина на платата што ексфункционерот ја добивал додека бил на функцијата.

Димитров, Шекеринска и Царовска беа членови на Владата од средината на 2017, почнувајќи во првиот, а продолжувајќи и во вториот кабинет на Заев. Во периодот 2017-2020, Димитров беше шеф на дипломатијата, а Царовска министерка за труд и социјална политика, а едно време и вицепремиерка за економија – во преодната Влада, додека Шекеринска во изминатите четири и пол години беше на чело на одбраната.

Од министерските позиции овој месец заминаа и Ирена Стефоска (култура), која е професорка на Институтот за национална историја и лекарката Јагода Шахпаска (труд и социјална политика), веројатно се враќаат на старите работни места.

Досегашниот премиер Зоран Заев, пак, најави дека се враќа во семејните фирми во родната Струмица.