Семеен пекол: Мајка на четири деца со години трпела физичко насилство од сопругот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Четири жртви на семејно насилство побарале помош од Хелсиншкиот комитет за човекови прави во текот на минатиот месец август. Се работи за лица кои подолго време биле изложени на ќотек и психичко малтретирање од нивните брачни другари, вонбрачни партнери или членови од семејството.

Во сите случаи станува збор за жртви кои подолго време се изложени на физичко и/или психичко насилство во домот, од страна на нивните брачни, вонбрачни партнери или родители. Дополнителни потешкотии за преземање чекори се забележуваат кај жртвите на семејно насилство кои се родители на малолетни деца, кои често се сведоци на насилството.

Две од жртвите го имаа пријавено насилството во полиција и Центар за социјална работа, а две од жртвите се обратија до Хелсиншкиот комитет со цел да добијат информации на кој начин можат да го пријават насилството и кои чекори треба да ги преземат за нивна заштита.

При постапување по случаите, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрира пропусти во работата на Центарот за социјална работа.

Мајка, жртва на семејно насилство долги години го трпи насилството од брачниот партнер, кое и многу пати го има пријавувано. Поради неподносливата ситуација морала да го напушти домот по што нејзините четири малолетни деца останале кај нивниот татко кој е и сторител на насилството, а од тогаш се обидува да најде начин за да оствари контакт со децата.

Центарот за социјална работа со нејзина согласност, поднел предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство до надлежен суд кој донел решение со кое се изрекуваат привремените мерки.
Иако стручниот тим од Центарот за социјална работа поднел предлог до надлежен суд, тој сторил и низа пропусти во постапувањето, па така не ја информирал жртвата за нејзиното право да биде сместена во Сигурна куќа.

Стручниот тим имајќи го предвид фактот дека нејзиниот живот, здравје и безбедност биле крајно загрозени не направил соодветна проценка на ризик.

Дополнително, согласно член 10 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство дете е жртва кога трпи директно насилство, кога е присутно на насилни односи помеѓу членовите на неговото семејство или кога живее во средина во која има насилни односи. Во ваков случај Центарот има обврска да се грижи за интересите на децата и да ги заштити од семејно насилство, а согласно проценката на ризик, да го ограничи или забрани личните односи и непосредните контакти со сторителот на насилството.

Во конкретниот случај, Центарот со непридржување кон овие законски одредби ги повредил правата за заштита на децата кои се оставени на ризик од виктимизација и ревиктимизација од страна на нивниот татко со кого моментално живеат.

Хелсиншкиот комитет за човекови права за овие пропусти поднесе барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор до Секторот за инспекциски надзор во социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика.

Хелсиншкиот комитет за човекови права дава препорака дека децата се многу често сведоци на насилство сторено во семејството, што исто така ги прави жртви на насилство. Настанот на кој биле сведоци или жртви има долготрајни последици во нивниот понатамошен раст и развој и формирање на нивните личности. Надлежните институции, а особено полицијата и центарот за социјална работа, имаат обврска во постапките во кои децата се директни жртви или сведоци на насилство да постапуваат со должно внимание, а со цел нивна заштита.