Home Актуелно СДСМ и ДПМНЕ ќе го усогласуваат Законот за СЈО – Мицкоски не ги сака Јанева со тимот

СДСМ и ДПМНЕ ќе го усогласуваат Законот за СЈО – Мицкоски не ги сака Јанева со тимот

Работни групи на двете најголеми партии во Северна Македонија, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, од денес ќе започнат со усогласување на новиот Закон за јавно обвинителство, договориле на лидерската средба Заев и Мицкоски. Опозицијата бара Катица Јанева и нејзиниот тим да не се дел од СЈО, пренесува Нова ТВ.

„Новиот Закон за Јавното обвинителство го добивме во четвртокот и немавме многу време да се посветиме на супстанцата на Законот, но за ВМРО ДПМНЕ овој специјален обвинител го изгуби својот професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка, вклучително и нејзиниот тим. Инаку принципиелно интегрирањето на СЈО во Јавното обвинителство може да го отвориме како тема, затоа што е дел од реформските закони, но правата и обврските на новото СЈО треба да бидат предмет на преговори“ рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО ДПМНЕ по средбата со Заев.

За разлика од Мицкоски, Заев кажа дека за „Владата е прифатливо СЈО да се вгради во Јавното обвинителство на чело со Катица Јанева и со целиот тим кои создадоа едно крајно добро“. Тој очекува да се постигне консензус за Законот со кој се гарантира иднината на СЈО.

На прашање дали Заев е подготвен да прифати Јанева и нејзниот тим да не бидат дел од Законот, тој кажа дека на Јанева мандатот и истекува на 15 септември, но „никому не можете да му ограничите правото повторно да се кандидира“.

„Давам целосна поддршка на Јанева и нејзиниот тим кои беа искрата за правда во оваа држава . Може и мене некој не ми се допаѓа, но институциите мора да се почитуваат“ кажа Заев.

Во Законот се лимитира користењето на прислушуваните разговори и тоа и дава право на опозицијата да го земе ова како алатка и да ги видиме како СЈО ќе се однесува и кон владечката гарнитура, додаде Заев но кажа и дека бомбите нема да испарата и дека СЈО веќе има собрано и материјални докази врз основа на прислушуваните разговори.

ЕУ бара Законот за Јавното обвинителство да се донесе до крајот на март, до кога треба да бидат изгласани и останатите реформски закони од Планот 18.

На новинарско прашање дали ќе се исполни рокот што го постави ЕУ , Мицкоски рече „никогаш во животот не сум прифатил рок или ултиматум“.

Во однос на претседателските избори Заев и Мицкоски договориле „оперативна соработка на двата тима на претседателсксите кандидати“.

„Сега немам гаранција дека процесот ќе биде фер и демократски, но затоа беше оваа средба Владата да може да се коригира и така ќе добиеме ден фер, демократски и идниот претседател ќе биде Силјановска – Давкова“ рече Мицкоски.

„Разговаравме најпрво за она што и е важно на опозицијата за изборите да бидат кристално чисти. Тоа е важно и за нас – овие избори на кои сме фаворити со Стево Пендаровски да бидат фер. Отворивме и разговор ако може ЕУ да обезбеди дополнителен мониторинг за одредени избирачки места“ кажа Заев.

И двајцата се согласија дека е добро што дијалогот продолжил за релаксирање на односите, помирување и за кредибилен изборен процес.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…