Home Актуелно Родителите им оставиле 15.000 евра кеш – ги ставиле во банка и...

Родителите им оставиле 15.000 евра кеш – ги ставиле во банка и им зеле данок 10.500 евра


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Прописите се јасни: приходот за кој не може да се докаже од каде потекнува, се оданочува со 70 отсто, објаснуваат од Управата за јавни приходи.

Скопјанец, кому родителите по нивната смрт му оставиле 15.000 евра, што ги чувале „под перница“, решил да ги однесе во банка. Но, по извесно време тие му биле оданочени со данок од 70 проценти, односно му биле одземени 10.500 евра, пренесува порталот ПлусИнфо.

Упатените објаснуваат дека ова не е единствен случај. Голем број граѓани, исплашени од случувањата по распадот на поранешна Југославија, кога парите им останаа заробени во банките, своите заштеди долго време ги чувале под перница, за да подоцна почнат да ги внесуваат во банките. Но, сега тие се соочуваат со нов проблем – да докажат како се стекнати тие пари. Во спротивно, ќе им бидат оданочени – поточно одземени – повеќе од половина. Бидејќи се уште нема регулатива со која таквите пари ќе бидат легализирани, и од која ќе бидат задоволни „двете страни“, излегува дека на граѓаните им е поисплатливо и натаму да ги чуваат дома.

Банкарите објаснуваат дека, според Законот за спречување на перење пари, имаат обврска да направат таканаречена анализа на клиент, доколку тој внесе на сметка сума од 15.000 евра, или поголема, независно дали е во девизи или во денари. За такви трансакции банкарите мора да ја известат Управата за финансиско разузнавање. Таа го анализира секој случај поединечно и во зависност од наодите, испраќа документи до некоја од надлежните институции. Ако документот стигне до Управата за јавни приходи, таа почнува постапка за утврдување на потеклото на имотот. Ако не може да се докаже како е стекнат, имотот се оданочува со персонален данок од 70 проценти.

Во УЈП велат дека вакви случаи имало и се уште има. Потенцираат дека регулативата е прецизна и дека тие во многу наврати ја информирале јавноста.

За тоа постојат годишни даночни пријави. Ако некој не пријавил приход за оданочување, ако има несразмерни примања во споредба со тоа што го поседува, нормално е да се постапува. Во посебните постапки за утврдување персоналниот данок, Управата утврдува дали лицетo поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, кои потекнуваат од приходи за кои не е утврден данок или не може да се докаже нивното потекло. Основа за пресметување на данокот претставува разликата помеѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за нејзино стекнување. Данокот на непријавените приходи се пресметува по стапка од 70 проценти, објаснуваат во УЈП.

И од Народната банка потврдуваат дека постојат заштеди што не се внесени во банкарскиот систем. Но, исто така, постојат сознанија дека еден дел од овие пари, особено во времето кога имаше повисоки каматни стапки, граѓаните ги внесоа во банките. Дел од тие заштеди „настрадаа“ од даночната регулатива.

Според извештајот за 2015 година на Управата за финансиско разузнавање, банките и штедилниците лани до Управата доставиле 84.912 извештаи за готовински трансакции на фирми и на граѓани од 15.000 евра или повисоки или за неколку поврзани трансакции што го надминуваат овој износ.

Не сите пријави биле оданочени со 70 проценти. Управата за јавни приходи го утврдува данокот врз основа на податоците во даночната пријава, деловните книги што ги води обврзникот, службените податоци со кои располага УЈП и врз основа на други податоци и докази до кои ќе дојде во постапката за утврдување на данокот.