„Рекет“ го фрла во длабока сенка законот за Јавно Обвинителство

Далечни спротивставени ставови на владејачката и опозициската партија, неодржување на средби и седници на работната група – овие фактички состојби во врска со договорот за законот за Јавно Обвинителство даваат услови за оправдан сомнеж дека преговорите за оваа законска одредба ќе бидат мачни и тешки, пренесува Дојче Веле.

Предлог- законот за Јавното обвинителство ќе ги дочека пратениците на дневен ред за една недела, но сè уште не дочека работната група со претставници од власта и опозицијата да ги усогласат ставовите за неговите клучни одредби. За некои делови од предлог- законот партиските позиции беа и останаа дијаметрално спротивни, особено околу иднината на СЈО и неговите надлежности.

До синоќа не беше закажана средба на работната група. Во аналитички кругови доминира стравувањето дека законот ќе стане предмет на мачно политичко пазарење, а не на очекуваните темелни реформи во правосудството. За најотежнувачка околност го сметаат фактот што меѓупартиското усогласување треба да се одвива во период кога токму кон СЈО се вперени рефлекторите на јавноста, поради индиции за можна инволвираност на шефицата на таа институција, Катица Јанева, во случајот „Рекет“.

Таа утре за првпат ќе даде исказ во Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал, наводно, во својство на сведок. На двете досега осомничени лица – Бојан Јовановски и Зоран Кичеец притворот им е продолжен за нови 30 дена, а опозицијата со денови прашува зошто таква мерка немало и за Јанева.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на годината во повеќе наврати обвинуваше дека Јанева одамна го изгубила моралниот и професионален кредибилитет за да биде и натаму на чело на таа институција. По објавувањето на сниките од „Рекет“ во кои се слуша и гласот на шефицата на СЈО, тие критики станаа уште позасилени кон неа, но и кон власта.

Донесувањето на законот за ЈО, властите го објаснија како последен и важен чекор за одлуката на официјален Брисел за одреди датум за почеток на преговори со Северна Македонија. Шефот на државата, Стево Пендаровски, кој пред една недела повика „на ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност“, запрашан дали случајот ќе влијае врз можноста земјата да добие датум за преговори со ЕУ, беше уверен дека тоа нема да случи.