Реакција на Заев по прозивката од Боки 13: Лаже бидејќи одбив да му помогнам


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претседателот на СДСМ Зоран Заев во изјава за „Фокус“ ги оценува како лажни обвинувањата што против него и неговиот брат ги искажа Бојан Јовановски на денешното изрекување на судската пресуда за „Рекет“, според која беше осуден на девет години затвор. Тврди дека Јовановски лаже бидејќи тој ги одбил сите негови барања да му помогне во судскиот процес.

– Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор. Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како Рекет и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес, наведува Заев.

Тој додава дека продолжува да се бори за владеење на правото, законот да важи еднакво за сите, без разлика за кого се работи и, како што посочува, секој што се огрешил пред законот да си одговара.

– Истовремено сите закани за некаква моја комуникација со Бојан Јовановски кои ги достави до највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ токму неговиот адвокат, преку посредници, очекувам да се објават и уште еднаш да види јавноста која е вистината, дека мојата и определбата на СДСМ за правна држава се бескомпромисни и никакви закани или вакви лажни изјави нема да не одвратат од определбата за одговорност на секој кој се огрешил пред законите, вели Заев.

Лидерот на СДСМ потенцира дека судска разрешница во транспарентен процес мора да има и за сите случаи, за сите судски процеси, вклучително и за оние кои произлегуваат од предметите на СЈО.

Покрај деветгодишната затворска казна за Бојан Јовановски, за случајот „Рекет“ затвор од седум години доби и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева.