„Пука“ бизнисот во воената индустрија – европските производители неспремни да одговорат на побарувачката


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Европските произведувачи на оружје ја повикаа Европската Унија да помогне во координацијата на набавката на оружје додека тие се борат да го зголемат производството на воена опрема за да ја задоволат растечката побарувачка за војната во Украина.

На состанокот пред самитот на министрите за одбрана на членките на НАТО во Брисел, шефовите на воените компании кажаа дека нивната индустрија била подготвена за тоа државите од ЕУ да трошат помалку на одбраната, а не повеќе, по децениите мир во Европа, пренесува Ројтерс.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кажа дека воениот пакт почнал дијалог со воената индустрија и сојузниците за тоа како да се зголеми производството и да се пополнат резервите оружје. Тој на конференција за медиумите кажа дека министрите за одбрана ќе донесат одлуки за зголемување на резервите. Намалувањето на резервите се случи за да ѝ се пружи поддршка на Украина, но сега е потребно да се зголеми производството за да се обезбеди капацитетот на сојузниците од воениот пакт и да се продолжи поддршката на Украина „на долги патеки“, пишува британската агенција.

Шефот на НАТО кажа дека очекува министрите да донесат одлука за поамбициозни цели кои на индустријата би ѝ обезбедиле долгорочна побарувачка која ѝ е потребна за вложување во нови капацитети и да размислат за заеднички купувања.

Политико пишува дека напорите на Европа да ги обнови своите војски соочени со хроничниот проблем на недоволно финансирање, ја разоткрија мирнодопската одбранбена индустрија која не е опремена да обезбеди оружје за руската закана која се трупа во близина.

„Едноставно кажано, во Европа нема доволно куршуми, оружја и високотехнолошки системи кои би одговориле на барањата на ЕУ и опасностите кои се пред нас. А побарувачката е голема – од избивањето на војната во февруари, земјите на ЕУ се обврзаа дека ќе потрошат повеќе од 230 милијарди евра на модернизација на својот арсенал“, наведува бриселскиот портал.

ЕУ купува опрема и залихи за украинската војска, вклучувајќи смртоносно оружје кое, како што соопшти, би требало да се користи во одбранбени цели. Лидерите на Европската Унија минатиот петок се согласија да дадат повеќе финансиска и воена помош на Украина. Главниот дипломат Жосеп Борел кажа дека за конкретните предлози на таа тема ќе се разговара овој месец.

Ден откако паѓаа ракетите врз украинските градови, вклучувајќи ја престолнината Киев, претседателот на Украина Володимир Зеленски од лидерите на Г7 побара дополнителни капацитети за воздушна одбрана за да ја сопре Русија.

Политико пишува дека европскиот безбедносен предизвик претставува типичен проблем на ЕУ, а тоа е дека успехот зависи од усогласувањето на сопствените интереси на 27 држави членки. Некои сметаат дека конфликтите само ќе се влошат ако во тоа не успеат.

„Во Европа е војна, секој ден гинат стотици, не само војници, туку и жени и деца“, кажа Рихо Терас, член на Европскиот парламент и поранешен командант на воените сили на Естонија. „Европа треба да биде обединета против Русија, инаку нема да има мир“.

Политико пишува дека моќните европски држави се обидуваат и да обезбедат континентот да не мора да зависи од американската војска или моќната воена индустрија на САД во одбраната на своите граници.

Директорот на Европската агенција за одбрана Јуржи Шедиви вели дека од американските колеги добиваат совети да вложуваат во сопствените стратегиски капацитети бидејќи може да дојде време кога САД ќе бидат целосно зафатени на друго место во Азиско-пацифичкиот регион, и нема да бидат во можност да ѝ помогнат на Европа.

Европското јакнење на безбедноста е дел од глобалниот тренд во кој воените трошоци постојано растат откако Русија го припои Крим во 2014, вели Луси Беро Судро од Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм. На глобално ниво, потрошувачката за одбрана сега надмина две илјади милијарди долари.

Политико пишува дека потребите на Европа се бројни – војските се трудат да ги подобрат комуникациските капацитети, да ги зајакнат способностите на мобилноста и да ги унапредат разузнавачките и извидувачките алатки. Во исто време европски региони се соочуваат со ранливости кои бараат различни стратегии и опрема, без оглед дали станува збор за копно, море, воздух или сајбер просторот.

„Проблемот на европската одбранбена индустрија е во тоа што е навикната да произведува сложено оружје во многу мали серии во долг временски период, што одговара на мирнодопска ситуација“, вели Давид Хоур, финансиски директор на најголемиот чешки произведувач на оружје Чехословачка група. „Меѓутоа, безбедносната ситуација се смени, потребни се милијарди за инвестиции“.