Првична анализа на министерот Сугарески: 120 милиони евра додатен трошок за автопатот меѓу Кичево и Охрид


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ја претстави првичната анализа за состојбата на проектот за изградба на автопатот помеѓу Кичево и Охрид, според која, како што рече, се покажало дека недговорното работење на претходната власт предизвикало дополнителен трошок од 120 милиони евра. Пред три дена, посочи Сугарески, Специјалното јавно обвинителство покрена обвиненија кои се однесуваат на изградбата на овој автопат.

При посета на делот од автопатот во изградба кај тунелот пред кичевски Извор Сугарески информираше дека заради лошото планирање и изведба еден од најголемите проблеми кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата. Оваа појава, како што рече, е најдрастична на патот Кичево кон Пресека, односно од 12иот до 18иот километар. Причина за ова е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот и нема ревизија на проект. Не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето.

Заради овие причини, потенцираше министерот, работите се прекинати цели 13 месеци. Цели 13 месеци нема решение нема, а целата опрема е на траса.

Министерот за транспорт рече дека првично проектираните 29.828.637 милиони евра за тунелот се зголемиле повеќе од двојно, на 88.930.000 евра затоа што поради недостатоци во проектот од аспект на недоволни геотехнички и истражни работи во фазата на изведба се извршила промена на заштитната облога на тунелот во најтешка категорија.

Од одговорните за надзор се побарани решенија и предлагано е да се измени проектот со проширување на ископот, односно со зголемување на ископ на земјените работи, но решението се одлагаше, а ваквото неодговорно работење предизвикува дополнителен трошок од 120 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните на Македонија, трошок кој го предизвика неодговорното и расипничко владеење на Никола Груевски, рече Сугарески.

Тој потенцираше дека новата влада, уште во првите 30 дена од својот мандат започнала со анализи на затекнатата состојба и работи на изнаоѓање решенија. Се снима, информира, досегашното работење од земјените работи и бетонските работи како нулта позиција и се прави анализа за сторените негативни дејства со цената на позициите, се планира дислокација на електроенергетските и телекомуникациските линии и решавање на имотно правните работи, како предуслов за изработка на реално остварлива програма за работа.

Според Сугарески, состојбата со овој автопат е типичен пример за начинот на кој функционирала претходната Влада, како што рече, со проекти кои започнуваат со една проектирана цена, а завршуваат со низа анекси кои значително ја покачуваат цената, а резултираат со катастрофални грешки во изведбата и ненаменско трошење на парите на граѓаните.

Секој нареден инфраструктурен проект кој ќе биде избран од новата Влада, ветува ресорниот министер ќе биде заснован на сеопфатни анализи, квалитетни проекти, домаќинско трошење на средствата и детално информирање на граѓаните.