Прв пат лично и јавно се огласи за „случајот Украина“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Рускиот претседател Владимир Путин, човекот од чија одлука зависи дали Русија ќе ја нападне Украина, првпат по ескалацијата на кризата лично проговори за драмата на украинската граница. Путин ја коментираше кризата на границата меѓу Украина и Русија за време на посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва.

Владимир Путин денеска изјави дека се надева дека Западот и Русија ќе најдат решение за кризата, но го обвини Вашингтон дека ја користи Украина како средство за вовлекување на Москва во „вооружен конфликт“.

„Се надевам дека на крајот ќе најдеме решение, иако тоа не е лесно“, рече рускиот претседател пред новинарите, оценувајќи дека „главната цел на САД е да подигнат ограда околу Русија и дека Украина е (нивно) средство да нè вовлечат во вооружен конфликт и ни воведоа најостри санкции“.

Путин даде катастрофално предвидување, велејќи дека Украина, доколку стане членка на НАТО, ќе се обиде насилно да го заземе Крим, кој Русија го анектираше пред осум години.

„Замислете Украина, како членка на НАТО, да поведе воена операција на Крим, на руска суверена територија“, рече тој, „и што би правеле ние, ќе војуваме со НАТО?

Путин, исто така, оцени дека е „јасно“ дека САД и НАТО одлучиле се досега да ја игнорираат загриженоста на Русија за сопствената безбедност, отфрлајќи ги нејзините барања. „Ќе ги проучиме писмените одговори на САД и НАТО (…), но веќе е јасно дека на главните грижи на Русија не е одговорено“, рече рускиот претседател по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој изнесе список со главните барања на Русија: крај на политиката на проширување на НАТО, гаранција дека нема да распореди офанзивно оружје во близина на руската граница и повлекување на Алијансата на границите од 1997 година, т.е. пред да ги прифати во членство поранешните членки на советскиот блок.

„Со тоа што не одговараат на нашата загриженост, Соединетите Американски Држави и НАТО го кршат правото на секоја земја слободно да одлучува како да ја штити својата безбедност“, рече Путин, потсетувајќи дека според друг принцип, „никој не смее да ја зајакнува својата безбедност на сметка на друг“.

Рускиот претседател не кажа ништо за содржината на дипломатските напори околу руско-западната криза поради Украина во последните недели. САД ги отфрлија барањата на Русија до НАТО, но оставија отворена врата за преговори за други теми, како што се распоредувањето ракети и меѓусебното ограничување на воените вежби.

Русија сега подготвува одговор на таквиот став.