Пругата кон Бугарија рекордно најскапа капитална инвестиција на Македонија за 2021 година


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Изградбата на железничката пруга кон Бугарија ќе биде најприоритетен проект на Владата за 2021 – но и на пат да стане рекордно најскапа капитална инвестиција во земјава.

Физибилити студиите покажале дека пругата ќе „тежи“ најмалку 600 милиони евра, без евентуалните анекс-договори и експропријации кои би произлегле при градежните зафати.

Првиот човек на транспорт Бочварски се надева дека до март конечно ќе го распишат тендерот за изведувач на пругата. Вели, цената е висока но ја оправдува бидејќи на земјава и треба вакво регионално поврзување, а особено бенефит ќе имаат македонските компании за полесен транспорт на стоките.

„Само за втората и третата делница имаме 91 мост кои треба да бидат изградени и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунел. Ние во моментов имаме товарен транспорт кој што го има обемот со 90 проценти а само 10 отсто е патничкиот транспорт. Секако дека е комплексен и тежок проект, се согласувам дека станува збор за многу средства, но ние треба да опстоиме затоа што не може нашата земја да биде изземена од овој регионален тек.“вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Нови автопатишта нема да се градат, но ќе се токми проектирање на два поголеми автопатни правци: Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар. Догодина ќе бидат готови и двата магистрални гасоводи Неготино – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар.

Бочварски уверува дека активностите на трасата Кичево – Охрид ќе земат уште поголем замав и дека првите дваесетина километри ќе бидат пуштени догодина.

„Сите клучки се испроектирани, косините, со ревизија на тој проект, веќе имаме голем замав, во вториот дел од годината имаме шест пати поголем прогрес на работите заради тоа што таму навистина се случуваат обемни градежни зафати и досега имаме околу 350 милиони евра инвестиција на овој автопат од предвидени 600,вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски .

Токму капиталните инвестиции министерството ќе ја чинат 4,4 милијарди денари од вкупно 5,3 милијарди кои ги одвои за следната година.