Проценки на Белата куќа: Русија од декември досега има 100.000 загинати и ранети војници во војната против Украина


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Според проценките кои во понеделникот ги објави Белата куќа, руската војска претрпела 100.000 жртви во последните пет месеци во борбите против Украина во регионот Бахмут, од кои 20.000 загинати.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека бројката, врз основа на процените на американските разузнавачки служби, вклучува повеќе од 20.000 мртви, од кои половината се од платеничката група Вагнер, која вклучува осуденици ослободени од затвор за да се приклучат во борбите.

„Обидот на Русија за офанзива во Донбас главно преку Бахмут не успеа“, рече Кирби. „Русија не успеа да заземе реална стратегиска и значајна територија.“

Тој рече дека Русите имале некаков напредок во Бахмут, но дека тоа има „страшна, страшна цена“ и дека одбраната на Украина во регионот останува силна, пренесе Ројтерс.

„Русија ги исцрпе своите воени резерви и своите вооружени сили и само од декември, проценуваме дека Русија претрпе повеќе од 100.000 жртви, вклучително и над 20.000 убиени во акција, од кои речиси половината беа војници на Вагнер“, рече тој.

„Навистина се зачудувачки, овие бројки“, додаде Кирби, велејќи дека вкупниот број е три пати поголем од бројот на американските жртви во кампањата во Гвадалканал во Втората светска војна.

Кирби рече дека наскоро ќе биде објавен уште еден американски пакет оружје за Украина.