Протестот против францускиот предлог за денеска закажан на пладне пред Собрание


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Протестот на граѓаните кои се против францускиот предлог под името „Ултиматум – не, благодарам“ денеска ќе почна во 12 часот, еден час пред почетокот на обраќањето во Собранието на претседателката на Европската комисија Урсула Дон дер Лајен. Организаторите повикуваат на масовност пред Собранието. Во 13,30 часот е закажана собраниската седница за владината информација за францускиот предлог.

„Во очи на собраниската расправа за срамниот предлог кој ја бугаризира Македонија ги повикуваме сите граѓани во 12:00 часот пред Собранието на Република Македонија да излеземе масовно и да протестираме мирно и достоинствено против асимилација и бугаризација на Македонија. Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени нема да поминат. Власта мора да го отфрли предлогот“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Синоќа активисти на политичката партија Левица поставија шатори пред Собранието и ноќта ја поминаа таму.

За Левица денеска е „Денот Д“ и затоа повикуваат на масовност против новото предавство.

„Владејачката класа во и околу предавничката и криминогена Влада на СДС-ДУИ, исплашени од револтот на народот кој на протестите секојдневно, јасно, масовно и гласно им кажа НЕ за бугаризацијата, ја префрла топката во Собранието на Македонија.

Очигледна е намерата на хибридниот режим да се амортизира притисокот од јавноста, кој очигледно го чувствува, па сè уште одбива да го објави Протоколот, во кој се инкорпорирани сите врховистички барања.

Поради тоа, нашите активисти кои до кампуваа пред Влада, се преселија пред Собранието, каде ќе се расправа за пробугарскиот предлог. Ги повикуваме сите совесни Македонци и Македонки, кои досега неуморно маршираа секој ден, денеска во 12 часот, да дојдат пред Собранието на Република Македонија.

Додека внатре пратениците дебатираат дали историјата и учебниците ќе бидат пишувани под бугарски диктат, дали АСНОМ и фашистичките злодела ќе се бришат поради „говор на омраза”, – народот пред Собрание гласно и јасно да порача НЕ за бугаризацијата!

Владата, преку Собранието, кукавички и подло се обидува да ја легитимира бугаризацијата, несмасно искористувајќи ги пратениците од малцинските етнички групи кои не се дел од Владата, на тој начин создавајќи причина и околности за меѓуетничка омраза“, соопшти Левица.

Протестите почнаа на 2 јули и се одржуваат секој ден во 19 часот, освен во петокот кога наместо протест, револтот кон францускиот предлог демонстрантите го искажаа преку блокади. Пауза од протест имаше и во саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам.