Промоција на монографија за милениумски Прилеп


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Синоќа во библиотеката „Борка Талески“ беше промовирано електронското издание на Монографијата „Прилеп – милениумско пулсирање 1014 – 2014“. Историскиот развиток на Прилеп во период од 1000 години, научно разработен од речиси сите аспекти на општественото живеење е темата на Монографијата „Прилеп – милениумско пулсирање 1014- 2014”.
Целта е преку овој пишан запис документирано да се потврди милениумското постоење на градот под Марковите Кули откако во 1014-тата за прв пат официјално бил спомнат под името ’Прилепон’ во списите на византискиот историчар Јован Скилица.

На 600 страници опфатени се сите периоди од развојот на градот од сите аспекти: средновековие, османлискиот период, балканските војни, двете светски војни, периодот од ослободувањето до денес. Во монографијата се сите значајни настани и личности кои оставиле белег не само во опстанокот и развојот на градот, на регионот, туку и на целата земја на политички, економски, социолошки и културен план.

Научниот советник од Институтот за национална историја од Скопје Катерина Тодоровска, која беше и еден од промоторите смета дека монографијата не е само од големо значење за Прилеп. Таа е богатство на целата земја.
Според Тодороска пресудни периоди се неолитот кога се најзначајните наоѓалишта, битни податоци дава Евлија Челебија за Прилеп, а најпресуден дел од прилепската истоорија е периодот на владеењето на Марко Крале, па потоа 11 октомври.

За еден од авторите, Слободан Беличански, Прилеп е олицетворение на македонскиот национален дух кој зрачел културно за целиот регион.

Во монографијата се зборува и за 1000-годишната духовна, црковна традиција во градот, за присуството и на другите верски заедници. Слободан Беличански како еден од промоторите на монографијата истакнува дека Прилеп се потврдува како град со космополитски дух кој ја познавал толеранцијата. На пример посебни се прилепскиот ликовен феномен или книжевното писмо преку големиот број уметници и големи книжевни автори.

Преку 40 научници и стручни лица повеќе од една година ја работеа оваа значајна монографија. Градот добива дело кое го забележува периодот од 1000 години, се она што се случувало, истакна главниот и одговорен уредник Владимир Караџоски.

Градоначалникот Ристески истакна дека издавањето на монографијата е значајно за Прилеп, но и за регионот и за земјава. Ова дело останува за сегашните и идни генерации, вели Ристески.

Издавањето на монографијата го финансира Локалната самоуправа. Со новиот буџет ќе се објави тендер за да се печати и ќе излезе до март наредната година.

Монографијата е во издание на Друштвото за наука и уметност и Општина Прилеп.
Со оваа публикација, Прилеп ги заокружува одбележувањата по повод 1000-годишниот роденден.