Промоција на книгата „Дијалози во еднина“ од Ана Стојаноска


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


В петок на 04.10.2019 со почеток од 19 часот на сцената од Факултетот за драмски уметности – Скопје, ќе се одржи перформативна промоција на книгата „Дијалози во еднина“, од Ана Стојаноска.

Книгата „Дијалози во еднина – Разговори што можеби се случиле и што можеле да се случат“ од Ана Стојаноска е книга – експеримент, обид на авторката да напише нарација без нарација, само со помош на дијалози. Дијалозите се читаат низ трите циклуси – Сонце, Сон и Месечина, кои се поставени како загатка на читателот. Помеѓу разговорите има кратки зборовни игри што ја досоздаваат приказната. Читателот е оставен да ги слуша/чита разговорите и сам да учествува во нивната динамичност. Играта на авторката со потенцијалните читатели се гледа и во начинот на кој приказната се отвора со секоја страница што следува.

Ова е прва ваква книга во македонската книжевност, која истовремено дозволува секој читател сам да си ја создава приказната. Жанровски не припаѓа никаде и истовремено самата книга е сопствен жанр. Се чита лесно, брзо и едноставно. А тоа е уште една од загатките на авторката, соопштуваат од Култура.

Во продолжение, уживајте во извадокот од книгата „Дијалози во еднина“ од Ана Стојаноска („Култура“, 2019)

ТРЕТ РАЗГОВОР

-Мислев дека го видов небото во сите бои кога го сретнав прв пат.
-Како изгледа тоа?
-Која ти е омилена боја?
-Зелена.
-Е па како да ја гледаш најсветло, полна со искрички од неа, како да се менува пред тебе.
-Не знам дали можам да замислам.
-Затвори ги очите.
-Сега?
-Замисли си ја најубавата зелена боја што ја имаш видено.
-Добро.
-Е сега, замисли што сакаш најмногу да јадеш.
-Чоколадо со лешници.
-Замисли додека ја гледаш таа зелена боја дека јадеш огромно чоколадо со лешници.
-Мхм
-Е сега, кажи ми што ти мириса најубаво.
-Мама, кога ќе ја гушнам.
-На таа слика со бојата и чоколадото, додај мирисот на мама кога ја гушкаш.
-Мислам дека можам.
-А што ти е најубаво да правиш?
-Да возам точак.
-Е па додај си го и тоа на сликата, ама како се одеднаш правиш без некој да те спречува.
-Многу е одеднаш.
-Знам. И мене ми беше многу кога го видов прв пат. Ама така некако изгледа. Жал ми е што немам зборови да ти го кажам поедноставно.
-Каде го виде?
-На кровот од една зграда.
-Што правеше таму?
-Тој?
-Да, тој.
-Не знам. Седеше на работ. Гледаше надолу. Го видов и мислев дека е спремен да скокне. Прво не ме сети. Некои луѓе не можат да не гледаат знаеш?
-Да. Знам. И јас не можев да те видам се додека не преминав.
-Седнав до него, како сега до тебе, се потпрев на него и можев да останам така цел негов живот.По некое време стана, се сврте и замина. Отидов по него. Видов дека живее во мал стан на поткровјето во таа зграда и сакав таму да останам. Во еден миг ме одвлечкаа надвор насила.
-Кој?
-Тој кому не смеам да ти го спомнам името.
-Зошто?
-Сфати пред мене дека останав во тој човек засекогаш.
-И?
-И тоа е лоша работа за ангелите.
-Ти рече нешто?
-Не, само ме префрли кај реката.
-Што имаше таму?
-Ах.
-Што?
-Не знам дали ќе разбереш да ти кажам.
-Пробај, сакам да знам.
-Знам дека сакаш да знаеш. Легни сега, време е да одмориш. Утре ќе ти раскажам.
-Не, сакам сега.
-Што сакаш сега?
-Да знам зошто те оттргнал од кај човекот од зградата, што имало на реката, како ти беше тебе?
-Заборавам постојано колку децата сакаат се да знаат.
-Ти беше дете некогаш?
-Не. Ангелите не се деца. Тоа не се објаснува.
-А како се раѓаат?
-Во мигот кога ќе се роди некое бебе, од неговата прва солза, прснува сила што може да го помести целиот свет. Тогаш тој создава ангел кој ќе ја земе силата и ќе замавне со крилјата. Ангелот потоа знае и се што било и се што ќе биде.
-Колку чудно. Како самовилите од приказната за Петар Пан.
-Слично. Тие се раѓаат од првата насмевка.
-Да. Слично.
-Спиј сега мило, утре ќе продолжиме.

Д-р Ана Стојаноска, театролог, писателка, професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на отсекот за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001).

Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работелакако истражувач-координатор во Институтот за театрологија при ФДУ – Скопје, од 2002 г. Учествува на многу симпозиуми, научни трибини и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата. Одржала повеќе јавни предавања од областа на театрологијата. Авторка е на книгите: Јас и Лин, отпосле (роман, прво издание, Блесок, /2016/; за која ја доби наградата Рациново признание, /2017/ и беше финалист за наградата Роман на годината); Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка е на книгите: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Авторка е на деведесет студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколкu театарски монографии. Исто така, е дел од авторскиот тим на Поимникот на книжевната теорија (МАНУ, 2007). Коавторка е на повеќе театролошки монографии. Во 2019 г. стана член на Друштвото на писателите на Македонија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови. Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена како радиодрама, во продукција на Театра – Скопје, (2013).