Премиерот Заев со закана до опозицијата: Ако не ги гласате законите, нема избори во април


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев се закани дека предвремените парламентарни избори закажани за 12 април 2020 година може да бидат одложени, ако пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжува да го опструира и блокира носењето на суштинските закони во Собранието.

„Ако опозицијата ги кочи суштинските закони за пензиите, за социјалните трансфери, за зголемување на платите, за сè што значи живот за граѓаните, тогаш изборите може да се одложат. Ова не го испраќам како закана. Перфидноста на користењето на филибастерингот за изборното законодавство или за пензиите може да значи и пролонгирање на процесите. Не го посакувам тоа. Сум кажал дека изборите не треба да се одложуваат, но одговорност е на сите да не се закочи реализација на она што значи интерес на граѓаните“ – рече Заев, пренесува Слободен печат.

Опозицијата му одговори дека власта имала три години за да ги донесат сите важни закони, а не го сторила тоа.

И ова вчерашно меѓупартиско препукување наликува на дел од предвремената неофицијална кампања која засега ниту една надлежна институција не ја регистрира, ниту ја казнува. Секојдневно на редица трибини, собири, средби со граѓаните и прес-конференции власта и опозицијата си разменуваат обвинувања кој повеќе ја упропастил државата и тоа на сите можни теми – од загадениот воздух до невладеењето на правото, па и вчерашниот ден беше одбележан од негативната кампања во која во прашање беа доведени и самите предвремени избори.

Запрашан дали поднесените 120 закони во Собранието се еден вид предизборна кампања на власта, премиерот Заев вчера рече дека и минатата година завршила со 90 закони во Собранието, а голем дел од сега поднесените се поради усогласување со намалените прекршочни казни. Тој очекува започнатите постапки за носење на законите да завршат и предупреди дека „ниту пратениците ќе гласаат, ниту Собранието ќе се рапушти на недонесени закони“.

„Ако има закони што не се завршени, а имаат импакт во април, мај, во септември, нема логика да се гласа за распуштање на парламентот“ – рече Заев.

На ова генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев одговори дека избори во април ќе има.

„Има помалку од 10 дена од заминувањето на Заев од премиерската позиција. Веројатно човекот го фаќа паника и во немање друг маневар се обидува на секој можен начин да ги одложи изборите. Изборите се договорени од сите политички субјекти на лидерската средба кај Пендаровски и од тоа нема бегање“ – рече Јанушев и додаде дека власта имала три години за да ги донесе сите закони за кои сметале дека им донесат бенефит на граѓаните.

Пратеникот Илија Димовски вчера во Собранието изјави дека тие не правеле проблем во Собранието за суштинските закони туку за кршење на Деловникот, кога се ставаат точки на дневен ред што не исполнуваат деловнички услови.

„Правиме проблем кога се блокира Собранието во една недела со 300 закони, а во целиот мандатен период од три години наназад нема донесено 300 закони. Правиме проблем кога на опозицијата не ѝ се дава основно право од 130 точки да предложи барем една точка, како нашата идеја да разговараме за аерозагадувањето и животната средина“ – рече Димовски.