Живот

Постпразнично прочистување: Детоксификација на организмот без прегладнување – еве како

Празниците во Македонија се пречекуваат со богата трпеза. И тогаш ретко кој од нас е дисциплиниран, па се јаде и се пие во прекумерни колични.

А тоа значи дека и холестеролот, триглицеридите, шеќерот и низа други вредности во организмот може да станат прекумерни, за на крај и бројките на вагата за мерење телесна тежина да ги минат границите. Кога веќе не се послушале советите на лекарите за умереност на празници, тие советуваат по нив организмот да се одмори со посебен режим на исхрана, но и да се врати во нормала со физичка активност.

Одмор за организмот

Лекарите објаснуваат дека по празниците, ако сме внеле поголемо количество храна и алкохол, треба да се ставиме на диета, но не да гладуваме, туку правилно да се храниме, пишува Факултети.мк.

– Најголем проблем може да си направат оние кои постеле и, кога завршил постот, многу јаделе. Така може да направат проблем на панкреасот и на жолчката. А додека не ги заболи нешто, нашите луѓе ретко се јавуваат кај лекарот. Затоа треба што побрзо да го вратат нормалното темпо на живот. Диетата не смее да значи прегладнување. Добро е да се внесува доволно овошје и зеленчук и полесна храна. Се разбира, никако не смее да се заобиколи физичката активност – вели д-р Игор Спировски од Институт за јавно здравје.

Физичката активност ќе го зголеми согорувањето на калориите, вели д-р Андон Чибишев, токсиколог, но и со неа не смее да се претера, особено, ако организмот не е навикнат на голем физички напор. – Пешачењето е вистинско решение особено за оние кои не вежбаат редовно. Да се испешачи по пет-шест километри дневно е одлично. Секој сам ќе си го определи темпото. Секако оваа активност не треба да трае само еден ден – вели д-р Чибишев.

Многу вода

Одмор на организмот значи и да се избегнуваат алкохолни и газирани пијалаци, сокови со многу шеќер во нив, а во големи количини да се пие обична вода. На здравиот организам дневно му требаат по два-три литри. Газираната вода може да содржи големи количества натриум, кој може да влијае на промена на крвниот притисок.

Водата не се пие веднаш по оброк, туку барем еден час по него.

– Оние кои имаат хронично заболување во никој случај не смеат да ризикуваат. За секоја промена која ќе ја почувствуваат тие треба да побараат помош од својот лекар – додава д-р Чибишев.

За оние кои претерале со алкохол се препорачува внес на повеќе витамин Ц, т.е. на производи кои го содржат. Овој витамин се дава и во акутна фаза на труење со алкохол или како лек против мамурлак. Во овој случај може многу да помогне и сок од свежо исцедени лимони, разреден со вода. Овој витамин е антиоксиданс и одличен детоксикатор, и го штити од оштетување црниот дроб.

За детоксикација на организмот лекарите препорачуваат секаков вид свежи салати, особено богати со кромид и со лук. Лукот се препорачува и за оние со висок крвен притисок, бидејќи го намалува.

Advertisements
To Top