Пончото оваа есен се враќа како еден од поинтересните начини да го освежиме гардероберот, но и да се стоплиме кога температурите ќе почнат да паѓаат во вечерните часови. Иако го поврзуваме со опуштени силуети и комбинации што ги носевме пред неколку години, трендот на пончо во 2026 година носи нешто поинаков пристап. Наместо да изгледа како парче што само го префрламе преку сѐ што веќе го носиме, денес го носиме со повеќе промисленост, со едноставни парчиња кои оставаат доволно простор за самата силуета на пончото да дојде до израз.
Особено ни се допаѓа што овој моден додаток лесно се вклопува во различни стилови. Плетените модели можат да бидат одличен избор за секојдневни комбинации, додека структурираните понча во неутрални нијанси можат да заменат лесен капут или јакна во преодниот период. Покрај тоа, oversized кројот и слоевитото облекување оставаат доволно простор за експериментирање со пропорциите.


Како да го носите пончото оваа есен?
Еден од наједноставните начини е да го комбинирате со рамни панталони или фармерки и обувки кои ќе му дадат јасна форма на целиот изглед. Високите чизми особено добро функционираат со подолги модели, додека мокасините или едноставните патики можат да создадат поопуштена комбинација. За поелегантен изглед, пончото може да се носи преку кошула или тенка ролка, со панталони со висок струк. Оваа комбинација особено добро изгледа кога сите парчиња се во слични неутрални тонови – беж, кафеава, крем или сива. Така пончото останува централно парче, но целиот аутфит изгледа складно. Уште еден начин да го направите современ е да се поиграте со појас. Ако моделот има доволно широка силуета, појасот околу струкот може да ги промени пропорциите и да ја нагласи фигурата, додека пончото и понатаму ќе ја задржи својата препознатлива опуштеност.

Кои модели да изберете?
Во high street понудата оваа есен, вниманието го привлекуваат модели во топли земјени тонови, но и класични црни, крем и темнокафеави варијанти кои лесно се комбинираат со остатокот од гардероберот. Особено е интересен пончото со реси, дискретни дезени и текстури кои даваат дополнителна димензија на едноставниот аутфит. Ако сакате парче кое ќе го носите цела сезона, најдобар избор се едноставни модели без премногу детали. Од друга страна, впечатлив дезен или интересна текстура може да биде одличен начин и наједноставната комбинација да добие сосема различен изглед.
Трендот на пончо во 2026 година не мора да го гледаме како враќање на некое заборавено парче. Оваа есен добива нова улога во гардероберот – практичен е, удобен и доволно ефектен за и од наједноставната комбинација да направи интересен аутфит.





Извор: Lepota i Zdravlje