Почина македонскиот актер Трајче Ѓоргиев – погребот ќе биде утре, МНТ ќе организира комеморација во вторник


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Македонскиот актер Трајче Ѓоргиев, основач и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16 години го поддржуваше и оддржуваше овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари, почина на 55-годишна возраст.

Ѓоргиев дипломирал на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1991 г. Беше дел од ансамблот на Македонскиот народен театар повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г. до големиот број на оддиграни улоги.

За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник беше на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ – награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.

Ѓоргиев ќе биде погребан утре попладне на градските гробишта Бутел. Комеморацијата ќе се одржи во вторник во Македонскиот народен театар во 12 часот.

Веста за неговата смрт пристигна вчера, а во соопштението од Македонски народен театар беа споменати сите негови животни достигнувања по кои ќе остане запаметен.