Почина култниот Милан Кундера – еден од највлијателните писатели на денешницата


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Славниот чешки и светски писател Милан Кундера почина на 94 години, објави чешката државна телевизија. Кундера доби бројни признанија за неговиот стил со кој прикажуваше теми и ликови кои лебдат помеѓу вообичаената реалност на секојдневниот живот и возвишениот свет на идеи.

Роден во Брно во 1929, Кундера емигрираше во Франција во 1975 откако се најде во немилост на властите поради критикувањето на советската инвазија на Чехословачка во 1968.

Кундера беше познат по романи во кои навлегуваше во мислите, чувствата и верувањата на поединецот, како и сексот и врските. Неговото ремек-дело „Неподносливата леснотија на постоењето“ раскажува за љубовен триаголник наспроти Прашката пролет и овој роман го направи меѓународна ѕвезда кога излезе во 1984. Тој тогаш веќе десетина години живееше во егзил во Париз, додека неговите книги беа забранети во Чехословачка и му беше одземено државјанството.

И по Кадифената револуција во 1989 и поделбата на Чехословачка, Кундера никогаш не се врати да живее во родната земја.

„Не сонувам за враќањето. Ја зедов Прага со мене, мирисот, вкусот, јазикот, пејзажот, културата“, изјави своевремено Кундера.

Неговите романи почнаа повторно да се издаваат на чешки во 1990-ите, но „Неподносливата леснотија на постоењето“ не беше објавен до 2006.

По завршувањето на средното училиште, Кундера се зачленил во Комунистичката партија во 1948, но само две години подоцна бил исфрлен поради „непријателско размислување и индивидуалистички тенденции“. Поради тоа, морал да ги прекине студиите по музика и книжевност на Филмската академија.

Како писател дебитирал во 1953 со поетската збирка „Човек широка градина“, а неговите индивидуалистички тенденции особено дошле до израз во 1960-ите. Првиот роман „Шега“ го објавил во 1967.

По насилното задушување на Прашката пролет во 1968, на што јавно се спротивставувал, Кундера станал непожелна личност во земјата. Залагајќи се за реформски комунизам, бил исфрлен од Здружението на писателите во 1969 и повторно од партијата во 1970, а професорскиот ангажман на Филмската академија му бил суспендиран. Неговите драми биле тргнати од репертоарот, а книгите исфрлени од продажба.

Кундера продолжил да пишува, но своите следни дела „Животот е другаде“ и „Проштален валцер“ одлучил да ги издаде во Франција. Така го почнал животот во егзил, но продолжил да пишува на теми поврзани со Чехословачка. Следеа „Книгата за смеата и заборавот“, „Неподносливата леснотија на постоењето“ и „Бесмртност“, кои го направија еден од најзначајните светски писатели.

Во 2014, по една деценија неактивност, го објави својот последен роман „Фестивалот на безначајноста“.