По 19 години затвор за Бесир Беља и Скендер Демири за убиството на Саздо


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Бесир Беља и Скендер Демири добија по 19 години затворска казна за убиство на 20-годишниот Никола Саздовски -Саздо. Пресудата денес им ја изрече судијката Даниела Алексовска-Стојановска во Кривичниот суд.

-Обвинетите се виновни затоа што на свиреп начин го лишиле од живот Никола Саздовски, рече судијката Алексовска-Стојановска.

Според обвинението, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајца од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“, дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство“.

Ваквата одлука ОЈО ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.