Плаќаме прескапа струја: Шести увоз на електрична енергија во половина месец

Македонија плаќа прескапа цена за да ги покрие потребите од електрична енергија. Експертите критикуваат за недомаќинлук и бараат одговорност за погрешните политики, пренесува Дојче Веле.

РЕК Битола во состојба падни стани, замрзнати и нефункционални хидроакумулации, македонските електроенергетски капацитети се во очајна состојба. Среде поларна зима, тие не се во состојба да ги произведат количините на струја кои се неопходни за покривање на потребите на  потрошувачите. Па така наместо домашна, Македонија е принудена интервентно да увезува струја за која се плаќа висока цена. Само од Божик досега, потрошени се 4,2 милиони евра за покривање на потребите, а веќе за утре е закажан нов, шести едно подруго увоз на 22.000 мегават часови електрична енергија неопходни за да се истурка месецов. Милионскиот увоз на струја можеби ги покрива потребите на пазарот, но не ги амнестира надлежните од неодговорните политики во делот на енергетиката, предупредуваат упатените.

Ако се анализираат движењата на берзанската цена на струјата, тогаш е извесно дека новата набавка ќе чини најмалку 1,5 милиони евра или можеби и повеќе. Или, вкупно околу шест милиони евра струја за половина месец купена по невообичаено високи цени.

Проблемот е што ЕЛЕМ не купува на берза, нема фирма за таква намена и тоа го прави по пат на аукција со учество на неколку фирми. И затоа бевме сведоци на досега невидени, рекордни 240 евра за мегават час. За илустрација, тоа е десет пати повеќе од цена за произведен мегават во летен период под услов и да најдете купувач за него. И сево ова ескалира по Нова Година, кога со промените на законот ЕЛЕМ доби право да ги купува потребните количини електрична енергија, односно оние кои што не може да ги произведе, а се потребни за тарифните потрошувачи, граѓаните и малите фирми. До сега тоа беше обврска на ЕВН, реагира Митко Андреевски, претседател на комисијата за енергетика од опозициската СДСМ.

Надлежните пак смируваат, пазарот нема да се соочел со проблеми и нема да има недостиг од електрична енергија, ниту пак ценовни шокови врз грбот на граѓаните. Важно било што во вакви временски услови успеале навреме да обезбедат електрична енергија за потребите на потрошувачите. Претстојната набавка треба да обезбеди доволно количини електрична енергија за да се покрие првиот месец од годината но се далеку од долгорочно решение предупредуваат експертите.

Актуелната состојба, иако во неповолни временски услови, кои и не треба да се нешто неочекувано за овој период од годинава, се дополнителен аларм дека се потребни сериозни промени во енергетските политики и инвестициските планови кои со години се актуелни но само на хартија.