Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонија со месеци наназад не води никакви преговори со Бугарија и не е доставен никаков документ од Софија до Скопје, соопштуваат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, откако телевизија Клан вчера објави дека е во оптек нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете соседни земји.
„Ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту ќе се преговара во иднина“, наведено е во соопштението од Кабинетот на претседателот, пренесува Плус Инфо.
Нон-пејперот, кој беше објавен денеска од ТВ Клан, содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ, на Република Бугарија ќе ѝ се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе ѝ се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува, ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе ѝ се загрози долгорочната стабилност и безбедност.
Во нон-пејперот, кој го објави ТВ Клан, се тврди дека во Република Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.
„Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичка вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе ѝ се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети“, се наведува во нон-пејперот.
Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.
„Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (германски, португалски, словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни“, се наведува во нон-пејперот.