Пендаровски на Светскиот економски форум во Давос – главните не отидоа таму


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Иднината на вештачките ѓубрива, улогата на спортот во општеството, употребата на нуклеарна фузија како извор на електрична енергија и состојбата со пандемијата ковид-19 се само дел од темите на четиридневниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Зимската сесија насловена како „Соработка во фрагментиран свет“ почна денеска, а на форумот светските лидери ќе се обидат да ги премостат политичките поделби во поларизираниот свет, да ги стабилизираат нарушените економии и меѓу другото, да ја решат загриженоста за климатските промени.

На Форумот се очекува учество на повеќе од 600 директори на компании и повеќе од 50 шефови на држави.

Во Давос веќе допатува и претседателот на Македонија Стево Пендаровски кој денеска ќе говори на панел сесијата „Во одбрана на Европа“, заедно со Анджеј Дуда, претседателот на Република Полска, Гитанас Науседа, претседателот на Република Литванија, Хозе Мануел Алваерез Буено, министер за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија и Светлана Тихановскаја, лидерка на Демократските сили на Белорусија.

Во рамки на форумот, предвидено е Пендаровски да учествува на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, како и да оствари повеќе билатерални средби со учесници на форумот.

На форумот ќе присуствува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, главниот американски преговарач за климатски прашања, Џон Кери, претседателот на Европската централна банка, Кристин Лагард, директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, поранешниот американски потпретседател Ал Гор и новите претседатели на Јужна Кореја, на Колумбија и на Филипини.

Кинескиот вицепремиер Лиу Хе утре ќе се обрати на собирот, а денеска за првпат ќе се сретне со американската министерка за финансии Џенет Јелен, која ќе го пропушти Форумот во Давос.

На зимската сесија на Светскиот економски форум нема да учествуваат американскиот и кинескиот претседател Џо Бајден и Си Џинпинг, британскиот, индискиот и францускиот премиер Риши Сунак, Нарендра Моди и Емануел Макрон како и рускиот претседател Владимир Путин.

Првата дама на Украина Олена Зеленски е на пат за Давос и утре ќе се обрати на собирот, додека нејзиниот сопруг, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе присуствува на собирот од далечина и ќе се обрати в среда. На различни панели на Светскиот економски форум се појавуваат и други украински функционери.