Пендаровски контра Филипче и обратно


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски и министерот за здравство, Венко Филипче, почнаа да се препукуваат меѓусебно заради големиот број на Македонци кои досега, а особено минатиот викенд, се вакцинираа против КОВИД-19 во Србија.

Пендаровски во целост се согласува со изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче дека сликите од Србија изминатиот викенд се израз на солидарност, но, тоа е солидарност која државата Србија ја покажа кон десетина илјади наши граѓани. Меѓутоа, тешко дека тие слики на наши граѓани кои бараат здравствена заштита во странство, откако не ја добија во сопствената земја, се за фалење, се вели во реакцијата од кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Во однос на процесот на набавка на вакцини, претседателот Пендаровски е крајно зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември минатата година се направени преку кабинетот на претседателот и од тогаш до денес претседателот Пендаровски е активно вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на министерот за здравство.

Реакцијата од Пендаровски следува откако министерот за здравство попладнево обвини дека изостанала конкретна поддршка од претседателот на државата во процесот за набавка на вакцини.

„Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, посочи вчера Филипче.

Попладнето Пендаровски изјави дека вакцинацијата на македонските граѓани во соседна Србија, во текот на викендов била срам за нашата држава.

Ваквата изјава го предизвика Филипче да соопшти дека чинот не е срам, туку солидарност во услови на криза.

„Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниту еден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја“, нагласи министерот.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, по завршувањето на седницата на Советот за бзбедност изрази благодарност до соседна Србија, откако илјадници македонски граѓани таму ја примија вакцината на „Астра зенека“ против ковид-19 за време на викендот.

„Побарав надлежните да го организираат процесот на вакцинирање во најдобар ред и таа операција да продолжи до целосна имунизација на населението – прекини не смее да има. Тоа не го барам само јас, и верувам дека го пренесувам и чувството на огромното мнозинство македонски граѓани кои се незадоволни од она што на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме од соседна Србија викендов тоа најдобро го илустрираат. Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин тука да им пружи здравствена грижа на своите граѓани“, рече Пендаровски.

Членовите на Советот побарале на располагање да се стават сите расположливи ресурси за граѓаните да ја добијат соодветната здравствена заштита.

„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добив уверување дека тоа не се случило и нема да се случи“, рече Пендаровски.

Тој ги повика приватните здравствени установи да се откажат од профитот и да ги намалат цените за лекување, па дури и да го упатат својот персонал на работа во јавните здравствени установи, доколку е тоа потребно.

„Убеден сум дека за време на големи колективни страдања, не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење дивиденди“, вели Пендаровски.

За време на викендов повеќе од 22.000 луѓе од регионот се вакцинираа во Србија. Неколку илјади македонски граѓани примија вакцина во Србија.