Пендаровски до бугарските политичари: Не може да обвинувате дека не го почитуваме Договорот, а додавате барања надвор од него и од разумот


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски оценува дека бугарските барања освен што излегуваат од здравиот разум и се спротивни на демократските вредности, воопшто не се содржани во Договорот, пренесува 360 Степени.

Истиот човек, истата политичка структура во Софија која го потпиша Договорот за добрососедство и која велеше дека тоа е добар договор и од нивен аспект, сега практично со последната серија политички барања кон нас директно излегува од параметрите на тој Договор и одат спротивно на базичните европски вредности и принципи.

Ова го порачува претседателот Стево Пендаровски во интервју за австриската ORF TV во кое зборува за ветото од Бугарија и за барањата на источниот сосед кон земјава.

„Никаде во Договорот од 2017 нема ниту една единствена група, а не член, не пасус, не преамбула или како било дел кој зборува дека ние треба да дебатираме во рамки на тие билатерални разговори за етничкото потекло на нас Македонците. Нема ниту една единствена буква, дел, артикл, член, што било, кој вели дека ние мораме да преговараме со бугарската страна за тоа дали јазикот на кој сега јас зборувам со вас е македонски или не е“, вели Пендаровски.

Претседателот ги споменува и бугарските барања граѓаните кои се чувствуваат како Бугари во Северна Македонија да можат слободно да се декларираат како такви, и истите ги оценува како легитимни. Меѓутоа, вели, од друга страна Бугарија го одрекува нашето право тоа да го бараме од неа за граѓаните кои се чувствуваат како Македонци на бугарска територија.

Во однос на Договорот за добрососедство тој порачува и дека не може држава од позиција на земја-членка на ЕУ да наметнува услови и да кажува како треба да се чита историјата или како да се толкуваат одредбите од Договорот.

„Вие не може да обвинувате дека не го почитуваме Договорот, а во исто време да додавате барања кои, освен што излегуваат од здравиот разум и одат наспроти базичните демократски вредности, просто не се содржани во Договорот. Значи, едно е ако некој не го имплементира Договорот, и јас велам дека во тој дел квалификацијата би била дека во некој аспект имаме успорување на тој Договор, посебно во дело на комисијата за историчари, и се разбира тоа е и наш интерес да го динамизираме. Меѓутоа, не може да зборувате за неисполнување на одредби од Договорот ако зборувате и го оспорувате моето право на етничка и национална самоидеинтификација бидејќи такво нешто не е содржано во Договорот. Не може да не се исполнува нешто што воопшто не е потпишано во 2017“, вели Пендаровски.