Пациенти се врзуваат со ремени за кревети – хорор владее во македонските психијатарски институции


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Податоците кои ги претстави македонскиот омбусманд Насер Зибери во годишниот извештај за 2022 година се шокантни и вознемирувачки.

Во психијатриската болница во Демир Хисар најдени се ремени со кои се врзувале пациенти. Освен ремени, најдени биле и кабел и катанци, кои служеле за заклучување на простории.

За затворот Идризово беше кажано дека осудениците спијат на под, како и дека ако сакаат кревет, мора да дадат мито. Народниот правобранител истакна дека заложбите на властите за подобрување на овие состојби се повеќе декларативни отколку реални, а тоа го покажува и фактот што состојбите не се менуваат, а забелешките се повторуваат.

Зибери им се извини и на медиумите и присутните за условите во кои се презентираше Извештајот, како и за слабиот капацитет на уредите за ладење. Тој кажа дека „се чини дека и тие не се исклучок од областа што ја мониторираат“.

„Извинете за условите денес, ете, и ние не сме исклучок ни од областа што ја мониторираме. Ова се податоци од годишниот извештај од националниот превентивен механизам за ризиците од тортура во сместувачките капацитети за лицата кои се задржуваат или се лишат од слобода за 2022 година. Извештајот го објавуваме на 26 јуни кој е ден за поддршка на лицата против тортура. Психијатриските болници Скопје и Демир Хисар односно нивните судски одделенија беа во фокусот. Како еден од посериозните проблеми кој беше истакнат во психијатриската болница Скопје е нередовноста во примање на терапијата. Таму беше констатирано дека персоналот не може да воспостави ред во примањето на терапијата кон пациентите. Беше констатирано дека лекарите се соочуваат со закани од болничкиот персонал. Често има конфликти, а вербалните караници резултираат и со физички напади. Ситуацијата е особено алармантна во попладневните и вечерните часови кога во болницата е присутен само еден медицински техничар и еден болничар“, рече омбудсманот Зибери.

Во судското одделение во Психијатриската болницата Скопје нотирани се и чести бегства на осудени лица кои траат од неколку часа до неколку месеци, а како главна причина се лошите услови за престој, недостатокот на организирани активноста како и неодобрувањето на викенди, како и недоволниот број на медицински и друг персонал, непостоење на системски организирана заштита на обезбедувањето, како и слаб менаџмент.

„Материјалните услови во судското одделение не ги задоволуваат стандардите за создавање на позитивна тераписка средина. Целосно да се реновира итно објектот. Рехабилитативна и тераписка активност нема и затоа само мал дел од осудениците се вклучени во овие активности. Крајно нефункционално е спроведувањето на мерката задолжително психијатриско лекување и чување во психијатриска установа што се извршува во ова одделение. Оваа состојба го зголемува ризикот од злоупотреба. Слична состојба е затекната во психијатриската болница Демир Хисар која е затекната во крајно лоша состојба и нечиста. При посетата во една од работните простории беа пронајдени кожни ремени за фиксација за кои ни беше кажано дека не се користат. Беа пронајдени катанци за заклучување на простории, а во друга просторија имаше и кабел со должина од еден метар за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е функцијата. Овие средства може да послужат како предмети за заплашување на пациентите, народниот правобранител посебно ја нагласува дека вакви предмети не смее да се чуваат. Добивме кредибилни наводи дека се користат за врзување на вознемирени пациенти за металните кревети“, додава Зибери.

И двете болници се соочуваат со сериозен недостаток на персонал. Така од вкупно систематизирани 397 работни места, пополнети се 318. Мора да се зголеми бројот на медицински сестра, техничари, болничари… за да се обезбеди стручен персонал што ќе обезбеди активности за психо-социјална едукација како психолози, психијатри…, нагласува Зибери.

И во Демир Хисар има недостаток на персонал бидејќи многу лица си заминале во пензија. Министерството за здравство мора да преземе соодветни мерки за да обезбеди дозволи за вработување, а со тоа да се ублажи проблемот на недостаток на кадар во болницата во Демир Хисат. Вработените немаат обуки од организиран тип.

Во КПУ „Идризово“ затворениците спиеле по двајца во ист кревет, а во некои делови од затворот, немале ниту по еден метар квадратен од човек, иако европските затворски правила налагаат да има 4 квадратни метри по осуденик ако се во заедничко домување, а по 6 квадратни метри ако се во самица. При посетата Народниот правобранител констатирал дека осудениците во Идризово спијат на душеци на подот, а другите на кревети наредени на четири спрата.

Тој добил информации дека погодностите во затворите се добиваат со мито.

Податоците се направени врз основа на 19 ненајавени посети, од кои 9 во полициски станици од општа надлежност на подрачјето на Скопје, Битола, Тетово…, три посети во казнено поправните и воспитно поправните установи, една посета во домот за стари лица „Мајка Тереза“ Скопје, 2 посети во психијатриските болници во Демир Хисар и Скопје, како и 4 посети на местата каде се врши сместување или задржување на бегалците.

Зибери вели дека поради недостаток на средства не можеле да ангажираат стручни лица кои би можеле да дадат податоци за состојбите, како и препораки.

Според омбудсманот, заложбите на властите за подорување на овие состојби за кои зборува се повеќе декларативни отколку реални. Неспорен аргумент е фактот што овие проблеми само се повторуваат.