Овие се протоколите според кои ќе се изведува наставата со физичко присуство во македонските училишта


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На секој ученик кој од први септември ќе следи настава со физичко присуство ќе му биде измерена температура пред да влезе во училиштето. Ако таа е повисока од 37, 4 степени тогаш нема да му биде дозволен влез во училиштето. Истото важи и за вработените во училиштето, пренесува Радио Слободна Европа.

Првиот ден од наставата започнува со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.

Според протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес, наставата во училница ќе се изведува со обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците, а исто така се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците. Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитни маски на лицето за сите вработени и ученици во училиштето.

Наставниците и професорите со кои разговаравме велат дека ги завршуваат последните подготовки со цел успешна реализација на наставниот процес. Протоколот предвидува тоалетите да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и дезинфекција со средство кое делува на вируси или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Ако ученик развие симптоми на ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите, кои пак во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.

Доколку се потврди дека ученик е заболен од ковид- 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.

За учениците кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизoлација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. Учениците кои следат настава од далечина се вклучуваат на часот во истото време додека наставникот го одржува часот со учениците кои следат настава со физичко присуство.

Просветните работници уверуваат дека мерките строго ќе се почитуваат, а за време на наставата и одморите, со учениците задолжително ќе биде присутен класниот раководител/наставник кој ќе се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците.

Според протоколот за следење настава со физичко присуство, наставниот час ќе трае 40 минути. Малиот одмор се користи во траење од 5 минути меѓу часовите и голем одмор во траење од 15 до 20 минути. За време на одморите потребно е да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците. Исто така за време на големиот одмор кога учениците се во училишниот двор, задолжително се спроведува чистење на училниците со вода и сапун, дезинфекциско средство и задолжително се проветруваат просториите.

Доколку епидемиолошката ситуација во државата или одредени општини се промени и се забележува повторно ширење на вирусот, може да се донесе одлука наставата за учениците од петто до деветто одделение да се одвива со учење од далечина и тогаш наставниот час трае 30 минути. Доколку пак се премине на третото сценарио, односно комбинираниот модел тоа значи дека дел од учениците ќе ја следат наставата со физичко присуство, а дел со учење од далечина ( учениците од прво до четврто одделение, наставата ја следат во училиште, додека учениците од петто до деветто одделение наставата ја следат дел во училиште, дел со учење од далечина).