Оваа недела Македонија ги очекува првите 250 терминали за скенирање на отисоци од прсти


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во текот на оваа недела, во Македонија треба да пристигнат првите 250 терминали за читање отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври.

Германската компанија „Дермалог“ со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите, ќе се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири изборни циклуси.

Вработени од „Дермалог“ треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик-претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување.

Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.

Во меѓувреме, се интензивираат подготовките за локалните избори, а на 21 август почна и увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 9 септември.

Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии, е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.