Home Актуелно Откажана лидерската средба која премиерот Заев ја закажа за денес

Откажана лидерската средба која премиерот Заев ја закажа за денес

По одржувањето на седницата на Централниот Одбор на владејачката СДСМ, партиски извори велат дека лидерската средба која за денес ја закажа премиерот Зоран Заев е откажана поради одбивањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да присуствува на неа.

Лидерската средба на која денес требаше да се расправа за Законот за обвинителство, пописот, Изборниот законик и други актуелни теми, е откажана, пренесува Дојче Веле повикувајќи се на извори во СДСМ. Тоа на завечерашниот состанок на Централниот одбор на партијата го потврдил и партискиот лидер Заев.

Образложението било дека без присуство на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема причина да се одржува состанокот на кој требаше да присуствуваат и лидерите на ДУИ и Алијансата на Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера потврдија дека Мицкоски не планира да се појави на средбата доколку на неа не се разговара за организирање предвремени парламентарни избори.
„Како што пред неколку дена најави претседателот, нема да се појави на лидерската средба. И доколку има некаква лидерска средба, таа лидерска средба ќе биде само за разговор за предвремени парламентарни избори“, изјави претседателка на Унијата на жени на партијата, Благица Ласовска.

На Заев му се потребни гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за Законот за јавно обвинителство, кој е еден од условите за европската интеграција на земјата.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…