Опозицијата обвинува: Синот на Цветанка Иванова прво добил тендер, па набавувал механизација


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, излезе во јавност со обвинувања насочени кон Зоран Иванов, синот на генералната секретарка на парламентот, Цветанка Иванова, за кој тврди дека добил тендер за оддржување на патиштата, иако за тоа не поседувал соодветна документација.

Според тврдењето на Јанушев, станува збор за тендерот распишан од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за Извршување на патни работи во зимски услови на подрачјето на Штип за сезоната 2019-2020 година, пренесува Фокус.

„Ни помалку ни повеќе, најповолен понудувач за овој тендер, на кој вредноста може да достигне и до повеќе од 300.000 евра, е синот на Иванова, Зоран Иванов. Тој е сопственик на фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица, а воедно истиот Иванов е и бизнис партнер на Трајче Заев во фирмата „ОМНИ ГРАДБА“ ДОО Струмица која се занимава со градежништво. Многу е нејасно, чудно и симптоматично е како баш оваа фирма предводена од синот на Иванова и бизнис партнер на Трајче Заев го доби токму овој тендер и тоа под исклучително сомнителни околности“ – вели Јанушев.

Тој објаснува дека компанијата на синот на Цветанка Иванова не ги поседувала возилата со кои требало да се одржуваат патиштата.

„Податоците говорат дека кога одлуката за избор е донесена на 08.11.2019 година. Нашите информации говорат дека токму во тој период фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица не ги исполнувала основните услови за добивање на тендерот кои се барало, односно не ја поседувала потребната механизација… Нашите информации говорат дека дури после две недели, Иванов и фирмата „ДИКОР ЦД“ ја набавиле од грчка фирма потребната механизација и тоа под закуп. Машините се со грчки регистарски таблици и со налепници од грчката фирма сопственик. Ова не потсетува на случајот каде камионите на Вице Заев возеа за „СВ ИНВЕСТ“ во РЕК Битола – рече Јанушев.