„Оган“ цени на горивата од ноќеска на полноќ


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на бензините од полноќ се зголемува за 5,5 денари за литар, а на дизелот за 10 денари.

Ваквата одлука е донесена поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.

– Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вечерва претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информирала и Владата и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните.

Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.

– Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.

Од РКЕ посочуваат дека цените на нафтените деривати на светските берзи растат над 21 процент.

Согласно новата одлука на РКЕ, од полноќ новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе биде 89,50 ден/лит, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 ден/лит. Новата цена на дизелот ќе биде 85,50 ден/лит.

Цената на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 9 денари за литар и ќе се продава по цена од 83,50 ден/лит, додека мазутот се зголемува за 6,149 денар/килограм и новата цена ќе биде 54,319 ден/кг.