Актуелно

Од што стравуваат Америка и светот после победата на Трамп?

Можеби ќе се покаже дека американските институции се доволно силни и нема сериозно да го разнишаат ниту Кабинетот во кој покрај Трамп и Пенси, може да биде поранешната гувернерка на Аљаска, Сара Пејлин или државниот секретар Њут Гингрич.

По што би сакале да бидете запамтени, го прашал во почетокот на 60-те години од 20 век, тогашниот активен професор Хенри Кисинџер поранешниот претседател Хари Труман?

Целосно ги поразивме нашите непријатели, ги присиливме да се предадат, а потоа им помогнавме да зајакнат, да станат демократии, да се приклучат на заедницата на народите. Само Америка тоа можеше да го направи, одговорил првиот повоен претседател на САД.

Но, 25 години подоцна, на 9 декември 1989 година, Берлинскиот ѕид, симбол на поделби на светот во Студената војна, беше срушен.

Се чинеше дека американската политика, токму на примерот на најлутиот непријател во Втората светска војна, донесе најдобри плодови, покажа дека борбата за слобода на говорот и верувањето во благосостојба се исплати, дека напредок може да се оствари во само еден животен век. Сојузна Република Германија беше дел од американската безбедносна архитектура, беше во Западноатланскиот сојуз, беше еден од моторите на европското интегрирање, а Америка, наспроти сомнежите кои ги имаа малите држави, секогаш тврдеше дека врската меѓу неа и сојузниците во НАТО беше цврста.

Необична порака

Нешто повеќе од 25 години по обединувањето на Германија на 9 декември 2016 година, откако е избран 45. американски претседател, канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел испрати помалку необична порака на избраниот претседател на САД Доналд Трамп.

Берлин нуди продолжување на соработката во идното сценарио на Белата куќа, врз основа на демократските вредности, слободи, почитување на правата и достоинството на човекот, без оглед на тоа каква боја на кожата имаат, каква сексуална ориентација или политички погледи.

Ако се држи до истото и станарот на Белата куќа, Кабинетот на канцеларката ќе ја продолжи плодната соработка. Колку и да изгледале надмено зборовите на Труман пред 50 години, биле вистинити. Колку и да звучат исправно зборовите на Ангела Меркел, збунувачки и загрижувачки е што се упатени на новиот станар на Белата куќа.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмер беше уште појасен. Меѓународната политика со Трамп ќе стане нестабилна, американската политика непредвидлива, помалку ориентирана на соработка, ништо повеќе нема да биде едноставно, а многу работи ќе бидат потешки од порано.

Ние Германците многу научивме од нашите американски пријатели; сега мораме да ги охрабриме нашите американски пријатели да останат на патот на поранешното партнерство, рече тој.

Зборовите на политичкото водство на најсилната европска држава звучат одговорно.

Покажуваат дека светот драматично се промени, дека Америка во 2016 година ненадејно стана слична на тие кои до сега според се беа негација на американскиот дух на надежта која ја симболизира кипот во њујоршката улица.

Кога шефицата на екстремно десната партија во Франција, госпоѓа Ле Пен, по објавата дека Трамп е избран за претседател, изјави дека тоа е знак оти еден свет се урива, дека се раѓа нов, кога Владимир Путин е прв кој му честита на Трамп, кога се се случува во околности на британското излегување од најважниот европски политички проект во историјата, интегрирањето на Европа, во која веќе постојат многу либерални демократи и авторитарни режими, како тие во Унгарија, Словачка, Полска, кога Турција на Ататурк се урива и исчезнува, тогаш е јасно дека можеби навистина може да се зборува не само за опасност, туку и за крај на еден модел на светски поредок.

Америка со децении беше центарот на еден свет. Сега може да се претвори во држава која ги напушта идеалите за кои се залагаше, која пред се е заинтересирана за сопствената судбина, која не сака да разбере дека одговорноста на американската политика за човештвото е голема и дека политика како онаа на Трамп ќе го зајакне антиамериканизмот во светот, што секогаш водеше кон човештво со недостиг на демократија.

Хрватските политички лидери во прв план по објавата на изборните резултати од Америка, наведоа дека е важно Загреб и Вашингтон да останат стратешки партнери и дека на тој план нема ништо да се случи. Веројатно дека Хрватска се вклопува во тезите на новиот американски претседател од предизборната кампања, дека безбедноста и одбраната со НАТО нема повеќе да доаѓа бесплатно.

Секако, Трамп јасно им рече на своите гласачи дека не гледа зошто Америка би заштитувала земји за кои многумина присутни во неговата публика никогаш и не слушнале. Доналд Трамп во предизборната кампања во прашање доведе премногу работи кои беа темел на американската политика во претходните децении.

Удар на привилегиите

Доналд Трамп не е типичен политичар. Реториката на Трамп во која ветуваше дека ќе удри на привилегиите на политичката каста, круговите во Вашингтон кои со децении доминираат со процесите за донесување на одлуки, токму поради тоа што и самиот се појави неочекувано, против естаблишментот, на многумина им звучеа стварни и прифатливи.

Трамп создаде работи, а тоа на белите слабо образовани конзервативни гласачи, на тие кои во глобализираниот свет најмногу изгубија, кои се плашат од доселеници, поради тоа што им ја земаат работата, затоа бидејќи наводно се терористи, затоа бидејќи се различни, одеднаш им зазвуче прифатливо, како да проговори на начин на кој и тие самите зборуваат.

Трамп во дел беше прв кој од самиот врв на политичката арена изговори зборови кои беа долго време оставени на крајните маргини. Трамп вети дека ќе подигне ѕидови. Трамп смета дека САД мора да имаат уште поцврсти граници. Трамп се залага за слободно носење на оружје, не само поради гаранцијата на вториот амандман од Уставот на САД, туку поради правата обичниот граѓанин да може да се одбрани од злобни држави.

Трамп доби поддршка од исклучителните конзервативни христијани, кои веруваат во Библијата повеќе од науката. Трамп стана глас на тие кои се плашат од отворениот свет.

Доналд Трамп и идниот потпретседател на САД Мајк Пенси, делумно се избрани и поради длабокиот расен антагонизам, кој го разгоре победата на Барак Обама. За дел од населението неподносливо е на местото на првата дама и првиот Американец да се гледаат луѓе кои се црномурести, па веројатно и жена. Трамп и Пенси, конечно, во своите изјави беа јасни што мислат за жените, за малцинствата, посебно кога се работи за Латиноамериканците, уште повеќе за муслиманите, бегалците.

Трамп зборуваше дека Кина го поткопува светскиот финансиски систем, а Русија ја опиша како земја со која треба да ги подобри односите. Пред четири години, кандидатот за претседател на САД од редовите на Републиканците Мит Ромни, како една од главните теми го наведе токму стравот од Русија. Трамп сврте се наопаку, покажа дека ништо од тоа што изгледаше како постојано, повеќе не е така.

Подобрувањето на односите со Русија не мора да биде лоша политичка насока, но Русија од која се плашат балтичките сојузнички на САД, поради која се вооружуваат Норвешка и Финска, Русија која влезе во Украина, која ги прогонува сексуалните малцинства, која забранува слобода на говорот, таква Русија не треба без промени да стане држава со која треба да се кова ново пријателство.

Гласачите на Трамп, слично како и другите конзервативни гласачи, како што објасни и самиот Трамп, се едноставно неверојатни. Тие го сакаат и се подготвени да го поддржат и кога би се спуштил на Петтата авенија, каде живее и го застрела некој минувач. Затоа, се што зборуваше за жените, сите контрадикторности, ништо од тоа не беше важно.

Поинаква од другите

Америка од основањето за себе сака да мисли дека е поинаква од другите, дека е како градче на ридот во кое се вперени очите од целиот свет. Таквата поинаква, подобра, послободна Америка – а фразата „град на ридот” често ја користеше Роналд Реган – преземена е од изјавите на Џон Винторп, еден од пуританските лидери, кој ја изговори пред доселувањето во Бостон во 1963 година, никогаш не вредела до крај. Америка по многу нешта беше производ на европските идеи, а потоа и придонесите на многумина кои поради различната атмосфера се доселуваа таму од целиот свет.

Америка и до сега во својата историја имаше многу движења кои беа насочени против малцинствата, кои ја затвораа и кои произведуваа хистерија. Тоа го правеа по Првата светска војна, во средината на 19 век, кога се појавила партијата „Ноу Натинг”, која ширела страв против масоните кон крајот на 19 век, кога улогата која сега ја имаат муслиманите, ја имаа Азијците.

Америка беше посебна, не по тоа што беше имуна на болките кои ги имаа и останатите, посебно европските општества. САД беа посебни по тоа што често меѓу неколку опции беа во состојба да препознаат кои решенија се подобри, кој пат ги водат кон поголема благосостојба.

Можеби сега на тоа му дојде крајот, а можеби ќе се покаже дека американските институции доволно се силни и нема сериозно да ги разниша ниту кабинетот во кој покрај Трамп и Пенси, може да биде поранешната гувернерка на Аљаска Сара Пејлин или државниот секретар Њут Гингрич.

Во текот на разговорот со Хенри Кисинџер и Хари Труман во 1961 година, професорот кој штотуку влегувал во политичките води, му рекол на поранешниот претседател дека смета оти бирократијата е четврта гранка на власта која има сопствена политичка волја, која често не може да се скроти.

Труман на ова тврдење многу незаинтересирано одмавнал со раката и рекол дека секој претседател има начин како да ја заобиколи бирократијата и да го изработи тоа што смета дека треба да е сработено.

Ако е тоа така, со оглед на тоа дека Трамп е нов во политиката и дека водеше мултимилионерска корпорација во која сигурно се грижел за вработените, веројатно ќе знае како да ги оствари сопствените идеи.

Идеите на Трамп, тие од кампањата, се идеи кои би можеле да ги загрозат Соединетите Американски Држави. Ако Трамп го оствари она што го вети, а не треба да се верува дека нема, тоа може да биде опасно за Америка. А ако е нешто опасно за Америка, тогаш е опасно и за светот.

Извор:  Јутарњи Лист – Загреб/А1Он.мк

Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top