Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Бившиот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест други лица ќе одговараат за месетење на четири тендери откако обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд во Скопје поднесе обвинение за „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Рашковски е обвинет и за „Перење пари“. Вториот и третиот обвинет обвинителството ги товари за помагање во извршување на кривично дело а ,останатите лица се обвинети дека помагајќи сториле по едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба“.
„Од јуни 2017 година до февруари 2021 година, во Генералниот секретаријат на Владата првообвинетиот, како службено лице, со умисла помогнат од второ и трето обвинетите, надворешни соработници, искористувајќи исти прилики, тројцата извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор. Воедно, првообвинетиот го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи, сепак им исплаќал месечни хонорари.“ – велат од ОЈО ГОКК.
Тендерите за кои е обвинет Рашковски се однесуваат за набавка на софтвер за изрекување на казни во сообраќајот, уште две набавки поврзани со овој софтвер како и софтвер за биометриска идентификација на гласачи.
Според обвинението, со тоа седуммината обвинети го оштетиле државниот буџет за близу 305 илјади евра. Освен обвинението, обвинителството денеска поднесе и предлог до скопскиот Кривичен суд за привремено замрзнување на имотот на Рашковски како и продолжување на куќниот притвор. Продолжување на оваа мерка е побарана и за четврто обвинетиот, сопственик и управител на фирма која учествувала во јавните набавки. Освен ова ОЈО ГОКК води уште еден предмет против Рашковски.
Обвинителството се сомнева и за манипулации со софтверот за полагање државни испити, тендер кој исто така го спровел Драги Рашковски со истата фирма која е под истрага за софтверот за сообраќајни прекршоци. Со овој систем, своите испити електронски ги спроведуваа 13 државни институции.