ОАЕ и Израел постигнаа историски договор за подобрување на дипломатските односи


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со посредство на САД, Израел и Обединетите Арапски Емирати постигнаа историски договор којшто ќе доведе до целосна нормализација на дипломатските односи меѓу двете земји.

Во заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и престолонаследникот на Абу Даби, Мухамед бин Зајед ал Нахјан се вели дека се надеваат дека „историскиот пресврт ќе придонесе за воспоставување мир на Блискиот исток“.

Според договорот, Израел ги суспендира плановите за анексија на голема област на Западниот Брег, соопштија високи официјални претставници на Белата куќа.

Израел досега немал дипломатски односи со заливските земји. Но, до неформални разговори дошло во услови на заеднички стравувања од зголемувањето на иранското влијание во регионот.

Договорот е плод на долги преговори меѓу Израел, Обединетите Арапски Емирати и Соединетите Држави, кои неодамна се забрзани. Заклучен е во четвртокот во телефонски разговор меѓу Трамп, Нетанјаху и шеикот Бин Зајед.

„ОГРОМЕН напредок денес! Историски мировен договор меѓу нашите ГОЛЕМИ пријатели, Израел и Обединетите Арапски Емирати“, објави Трамп на Твитер.

Т.н. Абрахамов договор е трет арапско-израелски мировен договор откако Израел донесе декларација за независност во 1948 година, со Египет е потпишан во 1979 година и со Јордан во 1994 година.

Договорот е исто така важен успех во надворешната политика на Трамп пред претседателските избори на 3 ноември.

Официјални претставници на Белата куќа соопштија дека во разговорите учествувале Трамповиот советник Џеред Кушнер, американскиот амбасадор во Израел Дејвид Фридман и претставник за Блискиот исток Ави Берковиц, како и државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан.

Во заедничката изјава на трите земји се наведува дека тројцата лидери „се согласиле за целосна нормализација на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати“.

„Историскиот дипломатски пресврт ќе придонесе за мир на Блискиот исток и е доказ за смелата дипломатија и визија на тројцата лидери и храброста на Обединетите Арапски Емирати и Израел да зацртаат нова патека што ќе ослободи голем потенцијал во регионот“, се вели во соопштението.

Делегациите на Израел и Обединетите Арапски Емирати ќе се состанат во наредните недели за да потпишат билатерални договори за инвестиции, туризам, директни авио линии, безбедност, телекомуникации и отворање на амбасади.

Во изјавата се вели дека „заради овој дипломатски напредок и по барање на претседателот Трамп, со поддршка на Обединетите Арапски Емирати, Израел ќе го суспендира прогласувањето суверенитет“ над делови од Западниот Брег, како што е предвидено со американскиот мировен план што Трамп го претстави во јануари.

„Израел во блиска иднина ќе се фокусира на изградба на овој однос и искористување на предностите што оваа нова врска со таа земја може да ги донесе, а ние исто така веруваме дека тој го крши мразот за натамошно нормализирање и мировни договори и со другите регионални играчи“, рече претставник на Белата куќа.

Според договорот, муслиманите ќе добијат поголем пристап до џамијата Ал Акса во Ерусалим со летови од Абу Даби во Тел Авив.

Во заедничката изјава исто така се наведува дека Обединетите Арапски Емирати и Израел ќе ја прошират и забрзаат соработката во лекувањето и развојот на вакцина за новиот коронавирус.