Небојша Стојановиќ е директор на ТЕЦ Неготино, а неговата сопруга со својата приватна фирма потпишува договор со РЕК Битола


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Милица Стојановиќ која се води и потпишува како одговорно лице на фирмата „Хем алијанс“ ставила свој личен потпис на договорот со ЕСМ заверен на 20 октомври вреден 632.000 илјади евра. Нејзиниот сопруг е Небојша Стојановиќ, директор на ТЕЦ Неготино. Од РЕК Битола велат дека нема некаков конфликт на интереси и дека за тоа била потпишана дури и изјава.

На 20 октомври АД ЕСМ за потребите на РЕК Битола склучува договор за јавна набавка на стоки во директна спогодба со семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ од Неготино, „Хем алијанс“ со седиште во Пепелиште. Сопственик на фирмата е неговиот татко, а управител неговата сопруга Милица Стојановиќ. „Хем алијанс“ се обврза во наредните 12 месеци за потребите на РЕК Битола да набавува „чисто органско биоразградливо соединение за спречување на појава на прашина од одложена пепел (РЕК Битола)“. Вредноста на овој договор со ДДВ е 39.117.000 денари. Потписник во име на РЕК Битола е директорот Пеце Матевски.

Од РЕК Битола, како дел од системот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), велат дека наведената набавка е јавна набавка која е спроведена во РЕК Битола и истата не се однесува во никој случај за ТЕЦ Неготино.

Во одговорот за МКД.мк од РЕК Битола велат дека на објавениот оглас во законскиот рок од 30 дена, понуда поднесе само еден економски оператор. Тие велат дека оваа набавка е неопходна за превенција за заштита од емисии на прашина на отворено, особено при високи температури, суво и ветровито време и со цел да се формира зацврстен слој на одлаганата пепел за да се заштити животната средина и да се спречи разнесувањето на пепелта во околината.

„Нагласуваме дека не станува збор за набавка со директна спогодба и дека не постои конфликт на интереси. Постапката е спроведена од Комисијата за јавни набавки при подружницата РЕК Битола и одговорно лице на подружницата. Кај истите нема никаков конфликт на интереси со носителот на набавката поради тоа што немаат никакви роднински врски, согласно одредбите на Законот. Законот јасно пропишува што е конфликт на интереси и според предметните одредби, истиот во овој случај не постои. Комисијата за јавни набавки која ја спроведуваше постапката, како и одговорното лице, уредно во досието за постапката има доставено Изјава за непостоење судир на интереси“, се вели во одговорот од РЕК Битола за МКД.мк.

На седница на Владата одржана на 14 јуни Владата ја разгледа Информацијата за присоединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ и заклучи дека треба да почне статусна промена-присоединување на ТЕЦ Неготино, во државна сопственост со ЕСМ. На оваа седница задолжен беше Управниот одбор на ЕСМ да договори и склучи спогодба за присоединување. Постапката за ова е во тек со запазување на законските рокови според Законот за трговски друштва, велат од ЕСМ.

Името на Небојша Стојановиќ и на „Хем алијанс“ се споменува и во врска со тендерот за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар, преку јавно приватно партнерство со ЈП Комуналец Неготино.

Во февруари годинава ВМРО-ДПМНЕ објави дека првиот ден од изборната кампања за локалните избори 2021 година, односно на 27 септември 2021 година, ЈП Комуналец Неготино распиша тендер по што „во нетранспарентна постапка за јавна набавка, со низа пропусти и недоследности, Небојша Стојановиќ успеал да добие тендер за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар, преку јавно приватно партнерство“. И на тој тендер „Хем алијанс“ беше единствен понудувач.

Тогаш надлежните нереагираа. Ја чекаме нивната реакција сега, велат од МКД.мк.