Народна банка на Македонија ги оцени како нерелевантни експертските мислења за стечајот на Еуростандард банка


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


НБРМ ги оцени како нерелевантни и неточни оценките и мислењата што беа изнесени денеска на презентацијата на извештајот од истрагата за стечајот во „Еуростандард банка“, подготвен на барање на најголемиот акционер пропаднатата банка, Трифун Костовски, пренесува 360 Степени.

„Во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, над која што поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка“, се наведува во соопштението на НБ.

Оттаму додаваат дека ваквото неодговорно однесување кое што е поттикнато од, како што велат, лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните.

„За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни“, наведува Советот на НБ во реакција на прес-конференцијата по повод, како што велат, нарачаниот извештај од страна на Трифун Костовски.

Народната банка, како што додаваат оттаму, е професионална и независна институција, која што при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции, меѓу кои и одлуката на Европската комисија на крајот од минатата година, според која, банкарската регулатива и супервизијата на НБ е според стандардите на Европската Унија.

Согласно овие стандарди, пак, од НБ додаваат дека на редовна основа вршат супервизија на работењето на банките и штедилниците, при што се оценува нивната сигурност, стабилност и усогласеноста на работењето со Законот за банки и со други прописи кои го регулираат банкарското работење.

Додаваат дека доколку со супервизорска контрола се констатира сомнеж или индиции за други дела во банка, Народната банка која што е супервизорски, а не истражен орган, ги известува и соработува со надлежните истражни органи.

„Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем“, појаснуваат од НБ.

Оттука, наведува НБ, во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на банката. Воедно, по констатираните состојби, Народната банка до Јавното обвинителство на натамошно надлежно постапување, поднесе кривична пријава против поранешни одговорни лица во Еуростандард банка АД Скопје поради сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка. Истовремено, до Јавното обвинителство, Народната банка предложи и преземање мерки коишто беа во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите.

На презентацијата на Извештајот подготвен на барање на Костовски од експерти предводени од Драго Кос, меѓународен експерт за борба против корупција и организиран криминал, беше речено дека од 2004 година во државава постои добро воспоставена шема преку која неколку комерцијални банки систематски ги прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството, со цел да можат, покрај законски дозволеното кредитирање, да вршат и законски забрането кредитирање, претежно за субјекти не се подобни за добивање банкарски кредити.

Според Костовски Еуростандард банка била однесена во стечај со умисла, а без негово и знаење на акционерите банката била вклучена во незаконските шеми, а Народната банка не ги искористила сите алатки што ги има на располагање.

Една од констатациите во извештајот е дека Народната банка одбивала да го препознае и спречи постоењето на шемата во текот на периодот од 2004 година до денес и покрај тоа што имала сознанија за сите нејзини компоненти. Кога Еуростандард банка се соочила со сериозни проблеми, НБРСМ формално го навела несоодветното управување со кредитното портфолио и поврзаните ризици како причина за лошата состојба на банката, но не пристапила кон справување со незаконската шема.