Најдоцна за 30 дена најкритичните пациенти со Цистична фиброза во Македонија ќе добијат Трикафта


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Најдоцна за еден месец пациентите со цистична фиброза кои се со најкритична здравствена состојба предизвикана од болеста би го добиле лекот „трикафта“, информираа денеска од Владата преку писмено соопштение додавајќи дека се завршени административните процедури за набавка на лекот.

Испораката не лекот за овие пациенти, како што велат оттаму, се очекува да биде направена од добавувачот согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек.

„За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот ‘трикафта’ за критичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза“, се вели во соопштението од Владата.

Во владиното соопштение се додава дека денеска во Владата ќе се одржи состанок на кој се очекува да се финализираат потребните законски измени, според кои, на државата ќе ѝ се овозможи директно да преговара за набавка на лекот „трикафта“ од производителот на лекот, со цел сите пациенти да ја добијат потребната терапија.

„Со овие измени на постоечките законски регулативи, кои се очекува работната група да ги заврши до крајот на неделата, се обезбедува системско решение бидејќи државата ќе е во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија“, нагласија од Владата.

Минатата недела Асоцијацијата за цистична фиброза информира дека почина Благојче Илиевски, најтешко болниот пациент со оваа дијагноза во земјава кој не успеа да го дочека лекот „трикафта“. Според надлежните, засега е предвидено е овој лек да го добијат осумте пациенти со цистична фиброза кои се во најкритична состојба, а стремежите се во текот на оваа година лекот да биде набавен за 30 пациенти.

По смртта на Илиевски, премиерот Ковачевски изјави дека за него можело да се направи многу повеќе за тој да го продолжи својот живот, но тоа не било направено поради, како што рече, комплицираната бирократија во нашата земја. Додаде и дека од министерот за здравство Беким Сали побарал да каже дали може да го продолжи својот мандат и покрај ваквиот трагичен исход со Илиевски.

Ковачевски по смртта на Благојче: На министерот за здравство му реков дека ситуацијата е неприфатлива и да каже дали може да го продолжи мандатот

Министерот Беким Сали, пак, изјави дека смета оти Министерството за здравство е најодговорната институција за смртта на Благојче Илиевски. Тој рече дека проблемот со недостигот на терапија за пациентите со цистична фиброза бил навреме пријавен до Владата, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување од кои била побарана поддршка.