Најавено ново замрзнување на цените – Бектеши ќе оствари средба со претставниците на супермаркетите


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе има состанок со претставници од ланците на супермаркети во врска со мерките што ќе следат во делот на утврдување на цените на прехранбените производи.

Бектеши вчера најави дека на предлог на Министерството за економија, на следната седница на Владата треба да се донесе одлука да се замрзнат цените на прехранбените производи. Замрзнувањето, според Бектеши, ќе биде со најмалку 10 проценти намалување на цените на сите прехранбени производи. До Владата веќе е доставена предлог- одлука за забрана за акциска продажба и промотивна продажба од страна на сите трговски ланци во нашата држава која ќе важи до 30 ноември.

Според Бектеши, трговците нема да знаат со кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин нема да можат претходно да ги поскапат производите. Замрзнатите цени ќе важат откако ќе бидат објавени во Службен весник.

Министерството за економија денеска треба да достави толкување на Законот за потрошувачите до Државниот пазарен инспекторат и според Бектеши освен глоби ќе има и затворање и забрана за вршење дејност за супермаркетите и за трговците со прехранбени производи кои нема да ги почитуваат мерките.

-Такви одредби имаме во нашите законски решенија, во нашата легислатива, повикувајќи се и на член 69 од Законот за заштита на потрошувачите и член 29 и член 30 од Законот за трговија. Од понеделник ќе почне да се реализира одлуката која се донесува и толкувањето и насоките кои се даваат до ДПИ, а од вторник веќе ќе имаме конкретни цени кои ќе им бидат презентирани на граѓаните, изјави Бектеши.

Од крајот на 2019 година, како што наведе, берзанските цени се зголемени за 23,3 отсто на светско ниво, а кај нас за 47 отсто.

-Убеден сум дека со ваквите одлуки дополнително ќе се намалат цените особено кај производите кај кои има енормно зголемување. Веќе нема да постојат џентлментски договори, туку ќе има конкретни и концизни одлуки кои мора да се почитуваат од сите што вршат трговија, а воедно и од производителите на основните прехранбени производи. Нема веќе да се преговара и овие ќе бидат конечни одлуки. Освен глоби уверен сум дека ќе има и затворање на одредени субјекти ако не ги почитуваат мерките, рече Бектеши, по состанокот со раководството на Државниот пазарен инспекторат.

Сите завршни сметки на големите синџири на маркети, како што рече министерот, покажуваат дека тие немаат намалување на нивните приходи, туку напротив имаат зголемување за претходната година.

Според Бектеши, одлуката за забрана за акциска и промотивна продажба на граѓаните се носи бидејќи забележале дека одредени синџири на супермаркети прават измама со можностите да направат акциска продажба и намалување или, пак, одредени кампањи. Со оваа одлука, тврди тој, на граѓаните нема да им се скрати намалување на цените, заради тоа што наредната недела има одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и вчера порача дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема.

-Неетичкото однесување носи до поголеми последици кои можеби веднаш нема да ги видиме, но утре веќе ќе биде доцна, предупреди Битиќи, потсетувајќи дека се прават обиди да се докаже дека има договорање за цените во неколку сектори.

Нагласи дека цените на светските берзи заради инфлацијата се зголемени за една четвртина помалку отколку во земјава.

– Кај нас најголеми проблеми со цените има во сегментот на големата потрошувачка што е директно поврзано со основните прехранбени производи. Затоа мора да се зајакнат инспекциските служби со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето во компаниите, банките и во сите сегменти на општеството, изјави Битиќи.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), според директорот Горан Трајковски, ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис, како и досега.

Следејќи ги цените, порастот на инфлацијата и реакциите на граѓаните, за високите цени на производите, ДПИ како институција, како што рече, нема надлежност, ниту пак може да влијае врз формирањето на цените на пазарот. – Од утврденото, може да се заклучи дека цените на прехранбените производи се енормно високи и ако Владата по предлог на Министерството за економија донесе одлуки во врска со намалување на цените, ДПИ ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис, како и досега, изјави Трајковски, по состанокот со Бектеши.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, вели дека според последните податоци нема зголемување на цените кај земјоделците, туку трговците ги наметнуваат на грбот на граѓаните.

– Откупната цена на млекото просечно се движи околу 30-32 денари, воопшто не е оправдано разликата на цената да биде на грбот на граѓаните, а да профитираат трговците. Токму затоа се овие остри реакции и Владата, во вторник ќе се донесе пакет на мерки со коишто ќе се ограничат цените на основните прехранбени производи заради тоа што драстична е разликата помеѓу растот на светските берзи на храната и растот којшто го имаме ние на рафтовите во маркетите, односно цената којашто плаќаат граѓаните, нагласи Николовски во телевизиско гостување.

Покрај мерките на предлог на Министерството за економија, Владата подготвува и антикризни мерки од кои според најавите дел би стартувале од ноември, а во фокус ќе бидат ранливите категории граѓани. Финансиите се одвоени со владината Одлука за прераспределба на средства од Буџетот која треба да помине во Собранието и според последните изјави од претставниците на Владата веќе се дизајнирани повеќе од 90 отсто од мерките.

Според Битиќи, засега податоците не укажуваат дека треба да се донесат одредени мерки што директно би требало да помогнат на стопанството, затоа што, како што рече, Владата се стреми да им помогне на ранливите и маргинизирани целни групи, без разлика дали се работи за лица со ниски приходи, студенти или млади.

За деветтиот пакет антикризни мерки се предвидени 4,55 милијарди денари, а според министерот за финансии Фатмир Бесими, ќе бидат во насока на полесно справување со предизвиците од ценовната и енергетската криза за граѓаните и компаниите.

-Ова значи дека продолжува субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и парното греење во делот на ЕСМ. Има доволно средства, работиме на деветиот пакет антикризни мерки. Дополнително ќе се оди со таргетирање до крајот на годината, за поддршка на најранливите категории, најави Бесими минатата недела, по објавувањето на одлуката за прераспределба на средства од Буџетот.