Најавен четврт пакет економски мерки за ублажување на ефектите од коронавирус кризата врз економијата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Министерот за финансии, Фатмир Бесими, го најави четвртиот пакет на мерки за да се ублажи ефектот на кризата во третиот и четвртиот квартал од годинава, после кои тврди дека земјава ќе може да влезе во период на позабрзан економски раст во 2021 година доколку нема нов бран на епидемиолошка криза.

Тој информира дека парите за реализирање на четвртиот пакет економски мерки на владата ќе се обезбедат од сегашниот Буџет најпрво со репрограмирање и дополнително ако треба со домашно задолжување, пренесува Плус Инфо.

„Сега подготвуваме четврти сет мерки и за да најдеме доволно средства за негово финасирање ќе гледаме каде има можност за репрограмирање во постојниот Буџет од проекти за кои знаеме дека нема можност да се реализираат до крајот на годината. Доколку тоа не е доволно за реализација на целиот пакет во Буџетот и во рамките на сегашното планирање има простор за дополнителни задолжувања од 60 милиони евра на домашен пазар што нема да предизвикаат зголемување на буџетскиот дефицит. Но, за тоа јавноста ќе биде информирана откако ќе се се дефинира сетот на мерки“ – рече Бесими.

Бесими рече дека, ако се донесе одлука за ребаланс на буџетот таа ќе биде донесена до крајот на месецот. Но, како што рече, во рамките на постојниот Буџет со планираните приходи и расходи се предвидува до крајот на годината да нема јавен долг над 60 проценти од БДП.

Како што истакна приходите и расходите се реализираат во рамки на планираното. Заклучно со 15 септември реализација на расходната страна во Буџетот е 68,9 отсто и 65,5 проценти на приходната страна, а реализацијата на капиталните инвестиции е 41,2.