Над 100 затвореници ја искористиле вечерната молитва за да избегаат од затвор


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од затвор лоциран на западот од Индонезија, над 100 затвореници успеаја да избегаат искористувајќи го моментот да ги совладаат стражарите кога беа пуштени од затворските ќелии за да учествуваат на вечерната молитва.

Бегството од затворот Ламбаро се случило кога сите 726 затвореници биле ослободени од ќелиите за да учествуваат во вечерната молитва, соопштуваат од индонезиската полицијата.

Шефот на полицијата вели дека главно затворениците биле осудени за прекршоци поврзани со дрога и очигледно бегството однапред го планирале.

Тие ги совладале стражарите, ги пресекле жиците и железните решетки користејќи тегови и метални шипки и побегнале преку оризовите полиња пред затворот, изјави тој за Асошиејтед Прес. Повредите на стражарите не биле сериозни.

Најмалку 26 од 113 побегнати затвореници веднаш биле фатени, а полицијата трага по останатите.

Бегствата од преполните затвори се чести во Индонезија. Минатата година повеќе од 440 затвореници избегале од затвор, исто така, за време на молитва, додека во 2013 година околу 240 затвореници избегале за време на бунт, меѓу кои и неколку осудени за тероризам.