Актуелно

На точак во чест на 100-годишнината од тунелот и патот кај Демир Капија

На 3 јули во Демир Капија ќе се обележи 100 годишнината од изградбата на тунелот и патот низ Демир Капијската клисура со велосипедско дружење.

„Првата светска војна има оставено бројни културни обележја на територијата на Македонија. Но овој претставува обележје кое ден денес се употребува и создал можност за развој на Демир Капија. Па дури и нас, велосипедистите не привлекува како прекрасна велосипедска рута.“ вели Бојан Ранташа од Велосипедскиот кружок „Милтон Манаки“.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Велосипедската дружба по патот низ Демир Капијската клисура ќе започне од 9:30 часот наутро, токму пред тунелот низ Клисурата кој се наоѓа по стариот пат кој поминува низ градот Демир Капија. Оттаму учесниците ќе се придвижат кон југ по 100 години стариот пат, се до село Миравци и локалитетот Бел Рај. Попатно ќе се ужива во пејсажите на Демир Капијската клисура а на крајот кој сака ќе може да се избања во вировите на Стара Река. Рутата е долга 28 километри и промовира бавен велосипедизам во кој учесниците уживаат и се запознаваат со секој поглед и со секое нешто по патот.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Пред 100 години, поточно на 1 мај 1916 година, инженерскиот кор на 11 Армија на Германската војска започнала со изградбата на патот, по наредба на Вилхелм II – Цар на Германија, Крал на Прусија. По само два месеци и осум дена, на 8 јули 1916 година патот е отворен за сообраќај и со тоа се пробил патот покрај Вардар кон Гевгелија.

„За значењето на патот за Демир Капија важно е да се каже дека денеска тој е една од главните европски, велосипедски, туристички артерии. Имено рутата Еуро Вело број 11 поминува токму по овој пат и Демир Капија ја поврзува се до Нордкап, Норвешка на север и Атина, Грција на југ.“ вели Васил Тодоров, директор на Центарот за едукација и вмрежување во туризмот ЦЕНЕТ од Демир Капија. Еуро Вело 11 рутата од Европските велосипедисти е прогласена за „Најдоброто од Истокот“ со оглед на должината и земјите кои ги поврзува, а по рутата се движат бројни велосипедски туристи кои патуваат од Западна и Северна Европа кон Грција, па и Азија.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Интересни се приказните околу тунелот, така Славко Колев од Спорткиот клуб „Клисура“ од Демир Капија ни споделува дека „Под посветата за Царот Вилхелм II, имало пишано дека тунелот го изградил Генералот Август фон Мекензен, така и се викал тунелот – Мекензен Тунел. Во 1918 година Французите пак по пробивањето на фронтот ставиле свој натпис кој пак е избришан во Втората Светска Војна од Германците.“
Настанот е во организација на Велосипедскиот кружок „Милтон Манаки“ како дел од Центарот за одржливи иницијативи, во соработка со Центарот за едукација и вмрежување во туризмот на Демир Капија и Спортски клуб „Клисура“ – Демир Капија, а со поддршка на Општина Демир Капија и Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје. Учеството на секој велосипедист е добредојдено.

Оваа година и токму овој настен одбележува уште еден значаен момент. А тоа се 200 години од појавата на првата идеја за создавање на велосипед од страна на германскиот измумител Карл Драјс. Тој во обид да се справи со недостатокот на коњи летото 1816 година доаѓа до првата идеја за нешто што е наречено „одечка машина“ – велосипед без педали. Тој оваа машина за прв пат ја пробува на 12 јуни 1817 година и создава цела култура на страствени вљубеници на велосипедите која ден денес постои.

За понатамошни информации, Ве молиме контактирајте ги:
Вања Ичкова [email protected], 070 724797
или
Бојан Ранташа [email protected], 070 876353

За Велосипедскиот кружок „Милтон Манаки“:
Велосипедскиот кружок е формиран во 2014 година како секција при Центарот за одржливи иницијативи – Скопје.
Тоа е Велосипедски кружок за бавно возење велосипед со цел да го промовира велосипедизмот како секојдневно, нормално, превозно средство.
Велосипедскиот кружок има 42 члена и секој месец организира велосипедски дружби за своите членови.

За ЦОИ:
Центарот за одржливи иницијативи основан е во 2008 година.
Неговата мисија е да овозможи одржлив развој на заедницата во Македонија обезбедувајќи стручност и поддржувајќи граѓански иницијативи.

Advertisements
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top